Skip to main content
Д-Р ЗЛАТЕ МЕХМЕДОВИЌ, СПЕЦИЈАЛИСТ ПО МЕДИЦИНА НА ТРУД, ДИРЕКТОР НА УК ЗА ФИЗИКАЛНА МЕДИЦИНА И РЕХАБИЛИТАЦИЈА

Вештачката интелигенција на медицинската сестра ќе ѝ го врати одземеното време за пациентот

Република/ Д-р Мехмедовиќ: Вештачката интелигенција нема да ја обезвредни професијата медицинска сестра

„Иднината е дигитална, но грижата останува човечка. Медицинските сестри во време на вештачка интелигенција и дигитализација“ е насловот на темата на д-р Злате Мехмедовиќ, директор на Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација, специјалист по медицина на труд и докторант по јавно здравје на која ќе говори на Петтиот меѓународен конгрес на медицински сестри и Првиот самит на меѓународни сестрински здруженија кои ќе се одржат од 2 до 4 октомври 2026 година во хотел „Дрим“ во Струга.

Д-р Мехмедовиќ е почесен предавач на Конгресот кој оваа година се организира под мотото „Грижа за оние кои се грижат за сите“, со кое се истакнува значењето на грижата за здравјето, благосостојбата и професионалната поддршка на медицинските сестри, медицинските техничари и акушерките – професионалци кои секојдневно се грижат за здравјето и животот на пациентите и претставуваат незаменлив столб на здравствениот систем. Организатор на конгресот е ЗМСТАС „ЗА НАС“ на Македонија, предводен од Сојузот на ЗМСТАС на Македонија.

Со д-р Мехмедовиќ разговаравме за медицинските сестри, вештачката интелигенција, иднината на здравството. Тој во интервју за „Република“ дава одговори на прашањата дали и како AI ќе ја промени професијата медицинска сестра, дали македонскиот здравствен систем е подготвен за трансформација, колку медицинските сестри се обучени за користење на дигиталните алатки, дали технологијата може да го надомести недостатокот од кадарот со кој се бори целиот свет. Д-р Мехмедовиќ има одлични поенти во разговорот и нагласува дека е време технологијата да и го врати на медицинската сестра она што здравствениот систем одамна и го има одземено, а тоа е времето за пациентот.

Вештачката интелигенција нема да ја обезвредни професијата медицинска сестра. Напротив, ако правилно ја воведеме, може да ја врати сестринската професија кон нејзината суштина, а тоа е непосредната грижа за човекот, вели д-р Мехмедовиќ кој е коодринатор на надзорниот одбор за реформи во примарната здравствен заштита при министерството за здравство, национален координатор за примарна здравствена заштита, човечки ресурси во здравството и ургентини медицински тимови за СЗО.

Дали вештачката интелигенција ќе ја промени професијата на медицинската сестра или ќе ја направи подобра?

Д-Р МЕХМЕДОВИЌ: Секако дека ќе ја промени, и ќе ја направи подобра. Вештачката интелигенција не треба да ја гледаме како замена за медицинската сестра, туку како алатка која треба да и врати нешто што здравствените системи со години и го одземаат, и го одземаат времето за пациентот. Денес огромен дел од работниот ден на здравствените работници се троши на документација, пребарување податоци, внесување параметри, административни процедури, координација и повторување исти активности. Ако вештачката интелигенција преземе дел од тој товар, медицинската сестра ќе има повеќе време да го прави она за што технологијата сè уште нема вистинска замена: да набљудува, да процени, да разговара, да препознае страв, болка или промена кај пациентот и да реагира навреме. Затоа јас не ја гледам иднината како „вештачка интелигенција е замена за медицинска сестра“, туку како „ефикасна, задоволна, посветена медицинска сестра со помош на вештачка интелигенција“.

И тука има една важна порака: вештачката интелигенција нема да ја обезвредни професијата. Напротив, ако правилно ја воведеме, може да ја врати сестринската професија кон нејзината суштина, а тоа е непосредната грижа за човекот.

Д-р Мехмедовиќ: Јас не ја гледам иднината како „вештачка интелигенција е замена за медицинска сестра“, туку како „ефикасна, задоволна, посветена медицинска сестра со помош на вештачка интелигенција“

Кои конкретни задачи на медицинските сестри во иднина би можела да ги преземе вештачката интелигенција?

Д-Р МЕХМЕДОВИЌ: Тоа се задачите кои што се повторливи, административни и базирани на големи количини податоци. Вештачката интелигенција може автоматски да помага при водење документација, да сумира здравствени записи, да следи витални параметри, да алармира кога постои отстапување, да помага при процена на ризик од пад, декубит или клиничко влошување, да предлага приоритети во грижата и да следи дали терапијата е дадена навреме. Замислете систем кој постојано ги следи пулсот, сатурацијата, притисокот, температурата, лабораториските резултати и претходната здравствена состојба и кој на медицинската сестра ќе и каже: „Овој пациент има образец што укажува на зголемен ризик од влошување, проверете го веднаш.“ Тоа не значи дека машината ја донесува конечната клиничка одлука. Таа може да забележи нешто побрзо затоа што обработува илјадници податоци истовремено.

Најдобриот модел е едноставен, машината да го анализира она што човекот не може да го обработи доволно брзо, а човекот да го процени она што машината не може вистински да го разбере.

Може ли вештачката интелигенција некогаш да донесе подобра одлука од искусна медицинска сестра која со години го „чита“ пациентот и по неговото однесување, бојата на лицето или начинот на кој зборува?

Д-Р МЕХМЕОДВИЌ: Во одредени задачи да. Во целокупната процена на пациентот, НЕ. Вештачката интелигенција може да анализира милиони податоци и да открие статистички образец кој ниту еден човек не може да го пресмета во реално време. Може, на пример, порано да сигнализира ризик од клиничко влошување врз основа на комбинација од параметри. Но искусна медицинска сестра понекогаш влегува во соба, го гледа пациентот и вели: „Овој пациент не ми изгледа добро.“ Можеби сатурацијата е нормална. Можеби притисокот е во граници. Но нешто се променило во бојата на кожата, погледот, начинот на дишење, говорот, однесувањето. Тоа клиничко чувство не е магија. Тоа е резултат на илјадници часови искуство и огромен број несвесно обработени информации. Во иднина и машините ќе стануваат сè подобри во анализа на слика, глас, движење и физиолошки параметри. Но здравството не е само препознавање образец. Тоа е пред се доверба, одговорност и човечка проценка.

Вештачката интелигенција може да каже дека нешто не е во ред, но искусната медицинска сестра многу често знае и зошто пациентот не е во ред.

Колку македонскиот здравствен систем е подготвен за оваа трансформација? Дали ние зборуваме за иднината, додека сè уште се бориме со основна дигитализација?

Д-Р МЕХМЕДОВИЌ: Треба да бидеме искрени, Македонија има направено значајни чекори во дигитализацијата, но сè уште немаме целосно интегриран дигитален здравствен екосистем. Имаме системи како „Мој термин“, електронски рецепти, контролни табли и други дигитални решенија, што е значајна основа. Европската опсерваторија на здравствени системи во прегледот за Македонија ги препознава електронското здравствено досие, „Мој термин“, Ерецептите и телемедицината како важен напредок во дигиталната интеграција на системот.

Но вистинската дигитална трансформација почнува тогаш кога податоците не се само електронски запишани, туку комуницираат меѓусебно и се користат за подобро клиничко одлучување. вештачката интелигенција е уште еден чекор понапред. Не можете сериозно да воведувате вештачката интелигенција ако немате квалитетни структурирани податоци, интероперабилни информациски системи, стандарди, сајбер безбедност и обучени здравствени професионалци. Затоа не треба да прескокнуваме фази. Но истовремено не смееме ни да чекаме да станеме „совршено дигитализирани“, бидејќи технологијата нема да не чека.

Македонија мора паралелно да ја завршува дигитализацијата и да ја гради својата AI подготвеност.

Што ни недостига – опрема, софтвер, обучен кадар, законска регулатива или дигитална писменост?

Д-Р МЕХМЕДОВИЌ: Од сè по малку, но најмногу ни недостига систем. Можете да купите најсовремен софтвер, но ако не комуницира со другите системи тогаш е безвреден. Можете да купите најскапа медицинска опрема, но ако персоналот не е обучен да ги користи податоците што таа ги создава, не сте направиле дигитална трансформација.

Потребни се најмалку пет работи истовремено: добра инфраструктура, интероперабилни информациски системи, квалитетни и стандардизирани здравствени податоци, обучени луѓе и јасна правна и етичка рамка. Тоа е важно и од аспект на одговорноста. Ако вештачката интелигенција даде погрешна препорака, кој ќе одговара? Производителот? Болницата? Директорот? Докторот? Медицинската сестра која ја прифатила препораката? Ова се прашања кои повеќе не се научна фантастика. Светската здравствена организација во своите анализи на AI-подготвеноста во европските здравствени системи ги посочува правната неизвесност, квалитетот на податоците, финансиската достапност, управувањето и подготвеноста на здравствениот кадар како клучни предизвици.

Затоа дигитализацијата е повеќе од проект. Таа е клучот за трансформацијата на здравствениот систем.

Дали медицинските сестри во Македонија денес се обучуваат за работа со AI и дигитални алатки или системот сè уште не ги подготвува за тоа?

Д-Р МЕХМЕДОВИЌ: Не во обемот што ќе биде потребен и тоа мора многу брзо да го промениме. Следната генерација медицински сестри не треба да учи само како се користи конкретен болнички софтвер. Треба да разбира што е алгоритам, што значи клинички податок, како функционира систем за поддршка при одлучување, што е алгоритамска пристрасност, како се заштитуваат здравствените податоци и кога препораката на вештачката интелигенција треба да се преиспита. На медицинската сестра не и треба диплома по програмирање. Но и треба AI писменост. Таа мора да знае што може технологијата, и уште поважно-што не може технологијата.

Светската здравствена организација предупредува дека примената на дигиталните технологии кај здравствениот кадар сè уште е забавена од недостаток на обука, инфраструктурни проблеми, работното оптоварување и правни и етички прашања. Затоа дигиталните компетенции и вештачката интелигенција мора постепено да влезат и во формалното образование и во континуираната медицинска едукација.

Д-р Мехмедовиќ: На медицинската сестра не и треба диплома по програмирање. Но и треба AI писменост

Дали дигитализацијата може да помогне во услови на недостиг на медицински сестри? Може ли технологијата да надомести дел од недостигот на медицински кадар, или опасноста е да се очекува од помал број сестри да се грижат за повеќе пациенти затоа што имаме технологија?

Д-Р МЕХМЕДОВИЌ: Ова е можеби најважното прашање. Да, технологијата може значително да ја зголеми продуктивноста на здравствениот кадар. Но не смее да стане изговор за намалување на бројот на медицински сестри. Мора многу јасно да ја направиме таа разлика. Ако една сестра троши два часа од смената на административна работа, а AI го намали тоа на 20 минути, добивме час и четириесет минути повеќе за пациентите. Тоа е успех. Но ако од тоа заклучиме дека сега една сестра може да се грижи за двојно повеќе пациенти, е тогаш сме ја злоупотребиле технологијата.

Недостигот на здравствени работници е глобален проблем, а медицинските сестри претставуваат најголема професионална група во здравството. СЗО во извештајот „State of the World’s Nursing 2025“ повторно ја потенцира централната улога на сестринството и проблемот со нееднаквата достапност на кадарот.

Технологијата треба да го намалува непотребниот товар, а не да го зголемува бројот пациенти по сестра.

Ако утре имаме совршено дигитализиран здравствен систем, но пациентот нема кој да го фати за рака-дали сме направиле подобро здравство?

Д-Р МЕХМЕДОВИЌ: Не. Тоа значи дека сме направиле подобар информациски систем, но не и подобро здравство. Пациентот не е збир на лабораториски резултати, дијагнози и кодови во база на податоци. Кога човекот лежи во болнички кревет, исплашен е, има болка или првпат слушнал тешка дијагноза, нему понекогаш најмногу му значат неколку зборови од медицинската сестра:„Тука сум. Ќе ви објаснам. Ќе поминеме низ ова заедно.“

Ниту еден алгоритам нема вистински да биде загрижен за пациентот. Тој може совршено да симулира емпатија. Но симулацијата на емпатија и човечката емпатија не се иста работа. Затоа најдобрата технологија е онаа што е невидлива за пациентот, а воедно му овозможува на здравствениот работник да има повеќе време за медицинска нега.

Како ќе изгледа една смена на медицинска сестра за 10 години – што ќе прави човекот, а што машината?

Д-Р МЕХМЕОДИВИЌ: Во едно сум сигурен, а тоа е дека смената нема да започнува со половина час читање документација. Системот ќе ѝ даде краток преглед: кои пациенти се стабилни, кај кого има промена во последните часови, кој има висок ризик од пад, кој има ризик од декубит, кој има промена во виталните параметри и кој бара непосредна проценка. Сензори и уреди континуирано ќе следат дел од параметрите. Документацијата ќе се генерира автоматски по одобрување. Системот ќе предупредува на можни грешки во терапијата и ќе ги препознава пациентите кај кои има ризик од влошување.

А што ќе прави медицинската сестра? Она што е најважно. Ќе го прегледа пациентот. Ќе разговара со него. Ќе проценува. Ќе донесува клинички одлуки во рамките на своите компетенции. Ќе комуницира со семејството и со останатиот медицински тим. Ќе едуцира. Ќе мотивира. Ќе забележи нешто што алгоритмот можеби не го забележал.

Визијата за здравството по 10 години е: Машината ќе ги следи податоците, а сестрата ќе го следи човекот. И тоа е моделот кон кој треба Македонија да се стреми.

Кога би можеле утре да воведеме само една AI алатка во македонските болници, која би била и зошто?

Д-Р МЕХМЕДОВИЌ: Сигурно не би почнал со робот во униформа кој изгледа спектакуларно на телевизија. Би почнал со нешто многу попрактично: интелигентен систем за рано препознавање на клиничко влошување на пациентите, поврзан со електронското здравствено досие и виталните параметри. Таков систем би анализирал повеќе информации истовремено и би го алармирал медицинскиот тим кога кај пациент постои зголемен ризик од влошување.

Зошто токму тоа? Затоа што во здравството највредната технологија не е онаа што изгледа најфутуристички. Највредна е онаа што му помага на здравствениот работник навреме да го забележи пациентот кој почнува да се влошува. Паралелно, огромна корист би имале и од AI алатките за автоматизирање на документацијата, затоа што би им овозможиле повеќе време на медицинските сестри за работа со пациентите.

Д-р Мехмедовиќ: Огромна корист би имале и од AI алатките за автоматизирање на документацијата, затоа што би им овозможиле повеќе време на медицинските сестри за работа со пациентите

Дали најголемата опасност од вештачката интелигенција во здравството е дека ќе ја замени медицинската сестра – или дека ќе заборавиме колку е важна човечката медицинска сестра?

Д-Р МЕХМЕДОВИЌ: Не верувам дека во догледна иднина главниот проблем ќе биде болница без медицински сестри затоа што сите би можеле да бидат заменети од вештачката интелигенција. Многу пореална опасност е да станеме толку фасцинирани од технологијата што ќе почнеме да го мериме здравството само преку брзина, продуктивност, број на обработени пациенти и количина на податоци. А здравството не функционира така. Можете да автоматизирате документација, мониторинг, анализи, аларми. Но не можете да автоматизирате човечка одговорност. Не можете да автоматизирате доверба. И не можете вистински да автоматизирате грижа.

Затоа прашањето не е дали треба да ја прифатиме вештачката интелигенција. Прашањето е какво здравство сакаме да изградиме со неа. Јас сакам здравство во кое технологијата ќе биде сè попаметна, за здравствениот работник да има повеќе време да биде човек.

И можеби тоа е најважната порака во целата оваа дебата: Иднината на здравството нема да биде човек против машина. Ќе биде човек со машина, машината ќе ги следи податоците, а медицинската сестра ќе го следи човекот.“

Време е технологијата треба да и го врати на медицинската сестра она што здравствениот систем одамна и го има одземено, а тоа е времето за пациентот.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: Република

Поврзани вести