
Граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“ информира дека со дел од преостанатите средства од донациите е реализирана набавка на медицински креми за третман и нега на лицата погодени од пожарот во Кочани, во вкупна вредност од 1.023.871 денари.
Во рамки на набавката се обезбедени 300 креми Биодерма СПФ 50, 300 креми Сикатрикс и 150 сетови Ларош-Поси, кои се наменети за заштита, регенерација и подобрување на состојбата на кожата кај лицата со изгореници.
Од иницијативата информираат дека набавката е реализирана во директна комуникација со засегнатите лица и согласно нивните реални потреби, со цел да се обезбеди соодветна и навремена поддршка во процесот на закрепнување.
Средствата за набавката се обезбедени преку донации од граѓани и компании, а дел од процесот е реализиран со поддршка од аптеките кои овозможиле значителен попуст.
Лицата на кои им се потребни овие препарати ќе можат да ги подигнат од младинскиот центар „Гнездо“ во Коачни.
Оваа поддршка претставува уште еден доказ дека солидарноста и заедништвото имаат вистинска сила кога се најпотребни. „Супорт Кочани“ останува посветена на помош и грижа за сите засегнати, сè додека постои потреба.

Македонски


