Skip to main content
БОРИС СЕКИРАРСКИ, МЕТЕОРОЛОГ И СИНОПТИЧАР

Што му е на август? Глобалните температури се оддалечуваат од вообичаеното, Балканот во серија топлотни бранови

Август можеби наскоро ќе заврши, но прашањето што го отвора ова лето останува: дали се менува само времето што го чувствуваме, или се менуваат и условите во кои ќе живееме во годините што доаѓаат?
Приватна архива: Борис Секирарски: од 5 до 25 август годинава глобалната температура бележи најголеми отстапувања за овој дел од месецот во долгата низа на мерења што започнува во 1940 година

Август годинава не е само жежок месец за Македонија. Температурите се над вообичаеното и на глобално ниво, а периодот од 5 до 25 август бележи рекордни отстапувања во однос на истиот период во последните 85 години. Според долгогодишниот метеоролог и синоптичар во Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) Борис Секирарски, она што е особено загрижувачко не е само високата температура, туку и фактот што планетата не се лади со вообичаеното темпо за овој период од годината.

Август традиционално е еден од најтоплите месеци во годината, како кај нас така и глобално. Но, годинава топлината има поинаков карактер. Додека високите температури во Македонија можат да се објаснат со серијата топлотни бранови и приливот на топол и сув воздух од северните делови на Африка, глобалната слика покажува многу поширок феномен.

Она што сега се случува, а особено во последнава недела, е оддалечувањето од сите досегашни глобални температури за подолг период на години, од 1940 до денес“, вели Секирарски во интервју за „Република“.

Според неговата анализа, од 5 до 25 август годинава глобалната температура бележи најголеми отстапувања за овој дел од месецот во долгата низа на мерења што започнува во 1940 година.

Најголемото отстапување достигнува 0,96 степени Целзиусови. На прв поглед можеби станува збор за мала бројка, но Секирарски нагласува дека станува збор за отстапување кое не било забележано во изминатите 85 години.

Овој август практично цело време зборуваме за топлотни бранови. Што е метеоролошки специфично во годинашниот август – дали станува збор за еден долг топлотен бран или за повеќе бранови што се надоврзуваат?

СЕКИРАРСКИ: Во Македонија август традиционално носи високи температури, но годинава топлотните бранови се наредени еден по друг. Особено изразен е топлиот период во третата декада од месецот.

Вообичаениот механизам е познат: топол воздух од Африка се пренесува кон Европа, преку Италија стигнува до Балканот и со повеќедневно јужно струење се задржува над регионот. Сувиот воздух, ветерот и недостигот од врнежи создаваат услови температурите да достигнат, а понекогаш и да надминат 40 степени Целзиусови.

Но, клучната разлика во однос на минатото е нешто друго – недостигот од продори на влажен и постуден воздух од север и северозапад.

Таквите продори вообичаено носат врнежи и ги прекинуваат топлотните бранови. Ова лето тие биле поретки, па топлиот воздух подолго се задржува над регионот.

Тоа, пак, има директни последици и врз ризикот од пожари.

Сувиот воздух и ветерот, заедно со период на намалени врнежи, е предуслов за високи температури и сува вегетација. Тука се основите за максимална температура до и малку над 40 степени, а тука е и предусловот за појава на зголемен број на пожари.

Колку се поврзани овогодишните пожари во Македонија со сушата и долготрајната топлина?

СЕКИРАРСКИ: Сушата треба да се третира како сериозна појава, а не само како последица на топлото време.

Во одредени региони во изминатиот топол период имаше особено малку врнежи, поради што требаше навреме да се прогласи сушен период – додека трае, а не откако ќе заврши.

Зборување за сушата откако таа ќе помине, многу малку помага.

За разлика од екстремните невремиња, чии последици се видливи веднаш, сушата делува постепено и често останува „невидлива“ сè додека штетите не станат сериозни.

Колку се опасни таканаречените „тропски ноќи“? Од она што го знаеме, температурарата навечер не паѓа под 22 степени, барем во август. Зошто во градовите, особено во Скопје, ноќите остануваат потопли? Колкав е ефектот на урбаниот топлотен остров?

СЕКИРАРСКИ: Проблемот не се само дневните температури блиску до 40 степени. Особено тешки се сериите на ноќи во кои температурата не се спушта под 20 степени – таканаречените тропски ноќи.

Зголемениот број на денови со температури блиску до 40 степени или и малку над тоа, а потоа и серии на ноќи со минимална температура над 20 степени, истоштува.

Ваквите услови се особено тешки за повозрасното население, но и за лицата со хронични здравствени проблеми. Со оглед на тоа што популацијата постепено старее, чувствителноста на високите температури и на температурните промени се зголемува. Освен тоа вакво време и ги засилува хроничните заболувања (реума, артрит и слични) или здравствени состојби (низок притисок или склоности кон главоболка).

Како екстремната топлина влијае врз квалитетот на воздухот? Дали високите температури можат сами по себе да го влошат загадувањето?

СЕКИРАРСКИ: На топлината се надоврзуваат и пожарите, тивкото време и честичките прашина што од Африка пристигнуваат со повеќедневното јужно струење.

Сето тоа дополнително го влошува квалитетот на воздухот, но токму во летниот период, кога ризикот може да биде особено висок, на оваа тема се посветува помалку внимание. Ние на воздухот не внимаваме речиси воопшто во летниот период, а и секако немаме ни систем и процедури за прогноза на квалитет на воздухот. Иако мојот систем „Елифа“ (за прогноза на квалитет на воздух) покажува како треба да постави нашиот начин на реакција, состојбата останува иста и ние само мериме до бескрај постојано без информација за тоа што не чека кога ќе сме на отворено во денот.

Во Европа гледаме големи пожари во Шпанија, Франција, Грција. Дали ваквите пожари треба да ги гледаме како одделни природни катастрофи или како дел од поширок климатски тренд?

СЕКИРАРСКИ: Во целата приказна постои уште еден фактор – начинот на кој јавноста ги доживува топлотните бранови преку медиумите.

Во јули и на почетокот на август, Македонија беше поштедена од најсилните топлотни бранови, додека медиумите интензивно известуваа за жртви од високите температури и пожари во Западна и Централна Европа.

На овој начин ние ги ‘преживеавме’ најпрвин тие топлотни бранови, а сега овие кои се вистинските за нас ни доаѓаат уште потешко.

Дали август е најтопол досега?

СЕКИРАРСКИ: Вообичаено е во август температурата да е висока за нас. Вообичаено е и глобално таа да е највисока во годината и постепено да опаѓа, како температура на целото Земјино копно. Копното е секако најраширено на северната полутопка и неговото загревање ја диктира и средната температура глобално.

Така температурата во август е висока кај нас и во исто време е висока и за целата планета.

автор: Борис Секирарски

Кај нас во август температурата губи на силина најпрвин на планините. Глобално во август и погледнато за период од 30 години, таа опаѓа по испрекинатата линија и неа би можеле да ја земеме како вообичаена температура за август во нашево време (период 1991 – 2020).

Она што сега се случува, a особено во последнава недела е оддалечувањето од сите досегашни глобални температури за подолг период на години (од 1940 до денес). На дваесетипеттиот ден од месецов глобалната температура е за скоро 17 степени повисока (вертикалната црвена линија) од просекот што го споменавме.

Значителни се и вредностите на температурата во периодот од 7 до 25 август (црвениот издолжен правоаголник). Целата низа на вредности глобално е се подалеку од опаѓањето кое приближно би требало да следи во овој месец.

Но, ова е глобалната промена, а дополнително во делови од копното цели региони секако имале дури и поостро покачување на температурата.

Што следува по август?

СЕКИРАРСКИ: За Балканот се очекува значително освежување по првите денови од септември, што ќе донесе промена во актуелната временска слика. Но, со заладувањето не завршува и целата приказна.
Она што е особено важно е дека на крајот на август планетата, односно копното, не се лади со темпото кое вообичаено би се очекувало за овој период од годината.

Онаа топлина и енергија секако ќе мораат да се ослободат во следниот период кој е пред нас. Ова е реалност на која треба да се подготвиме како систем, но и како личности.

Ако се вратиме кон глобалната слика еве какви се вообичаените отстапувања за август. Најголемиот заклучок е дека на планетава во периодот од петти до дваесети петти август имала најголеми отстапувања од било која друга година за еден долг низ на години и тоа уште од 1940 година. Највисокот отстапување е 0.96 степени (нецел степен) и тоа е наизглед малку, но не се случило повеќе од 85 години! И на крајот: И двете последни години пред оваа биле високо горе на сликата на отстапувањата, кои во основа се затоплување и тоа повеќегодишно потопол август!

автор: Борис Секирарски

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: Приватна архива

Поврзани вести