
Македонија повторно ќе учествува на Изборот за песна на Евровизија, по пауза од четири години. Одлуката на Македонската радио-телевизија ја потврди Александра Јовановска, која ќе биде дел од тимот задолжен за подготовка на македонското учество,
Јовановска раскажа дека по десетмесечно отсуство се вратила во значително променета институција и со задоволство ја примила одлуката Македонија повторно да биде дел од најголемиот европски музички натпревар.
Во подготовките ќе учествуваат и поранешни и нови членови на евровизискиот тим. Јана Бурческа ќе биде задолжена за медиумите и комуникацијата околу македонскиот настап.
Јовановска нагласи дека за успешно враќање на евровизиската сцена ќе биде потребна широка поддршка.
Сè уште не е утврден начинот на кој ќе бидат избрани песната и македонскиот претставник. МРТ разгледува неколку можности, меѓу кои интерен избор, распишување јавен конкурс или избор преку некој од сопствените програмски формати.
Бурческа посочи дека тимот е отворен за различни идеи и концепти и ги повика заинтересираните автори и изведувачи навреме да ги подготват своите музички проекти.
Конечната одлука за моделот на избор дополнително ќе ја донесе јавниот сервис. Македонија треба да се врати на натпреварот токму на неговото 71. издание.

Македонски


