
Од денеска до 18 мај во Скопје ќе се одржи Недела на женското здравје под мотото „Сакај се себе. Сакај го своето здравје!“ во организација на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО). Преку серија стручни и јавно здравствени настани, МАГО има за цел да го потенцира значењето на женското здравје и да го унапреди пристапот до здравствени услуги за жените во сите делови од нашето општество. Покрај стручниот симпозиум, ќе се говори за безбедноста и потребата од имунизација кај бремени жени, ќе се презентираат најновите ставови за ХПВ асоцираните болести и вакцинација против ХПВ, а особен акцент ќе биде ставен на ХПВ едукацијата кај ученици во повисоки одделенија, студенти, млади родители и здравствени работници.
Дополнително, во рамките на тематските сесии ќе се отворат прашања поврзани со употребата на урогинеколошки траки во споредба со ласерски и лапароскопски третмани, како и со реалната потреба од супортивна и додатна терапија пред и по IVF процедурите. Ќе се дискутира и за современите пристапи во ултразвучниот фетален скрининг, PRISCA и неинвазивната пренатална дијагностика, како и за новите перспективи во зачувување на женската урогенитална хармонија.
Грижата за себе не е луксуз, туку одговорност. Потребно е уште во тинејџерски години да се воспостави култура на редовни прегледи, користење на контрацепција одговорно, запознавање со сопственото тело и гласно барање помош кога нешто не е во ред, Во рамките на Неделата, ќе има посебни едукативни сесии наменети токму за оваа популација, вели во интервју за „Република“ проф. д-р Елена Џикова, од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (ГАК).
Проф. Џикова е и генерален секретар на Македонската асоцијација за гинекологија и акушерство (МАГО) и потпретседател на Македонската асоцијација за фетална медицина (МАФМ).
Кои се превентивните прегледи што секоја жена треба да ги прави редовно, кои се препораките за здрав живот, каква е иднината на женското здравје во Македонија во следните 10 години, што треба да преземат институциите за подобрување на пристапот до женската здравствена заштита и што ќе понуди Неделата на женското здравје, се прашањата за кои разговаравме со проф. Џикова.
Ве поканувам сите – жени, мажи, институции и медиуми – да бидеме дел од оваа заедничка грижа за здравјето на жената, бидејќи здравата жена значи здрава заедница, вели проф. д-р Џикова.
Колку е важна ваквата иницијатива како што е Неделата на женското здравје за нашето општество?
ПРОФ. ЏИКОВА: Неделата на женското здравје претставува клучна можност да се стави фокусот на теми кои често остануваат во сенка, особено кога станува збор за превенција, рана дијагностика и пристап до здравствени услуги за жените. Нашата цел е да испратиме силна порака дека здравјето на жената е од суштинско значење за здраво и продуктивно општество. Оваа иницијатива овозможува вмрежување на здравствени професионалци, институции и јавноста, со цел заеднички да придонесеме кон долгорочно унапредување на женската здравствена заштита.
Дали сметате дека жените се доволно информирани и редовно ги следат своите здравствени состојби?
ПРОФ. ЏИКОВА: Жените се повеќе свесни за значењето на здравствените прегледи, но сè уште има простор за унапредување – особено во руралните средини и меѓу младите. Лажна сигурност, страв од дијагноза или недостапност на услуги се честопати бариери. Потребна е континуирана едукација и комуникација, но и подобра организација на здравствениот систем за да им се овозможи на жените навремена и достапна грижа.
Кои се клучните превентивни прегледи што секоја жена треба да ги прави редовно?
ПРОФ. ЏИКОВА: Најважни се редовните гинеколошки прегледи со ПАП тест и особено ХПВ тестирање, ехо на дојки и мамографија по 40-тата година, ултразвук на мала карлица, како и контроли на крвна слика, шеќер и притисок. За бремените жени, неопходни се рутински и скрининг ултразвучни прегледи во склоп со протоколите за водење на нормална и ризична бременост, како и скрининг на менталното здравје. Навременото откривање значително ги подобрува прогнозите и овозможува побезбедни третмани.
Кои се вашите препораки за здрав живот што директно влијае на женското здравје?
ПРОФ. ЏИКОВА: Здравиот животен стил подразбира балансирана исхрана, физичка активност, доволно сон, редуцирање на стрес, но и грижа за менталното здравје. Особено кај жените, менталната и емоционалната стабилност се поврзани со хормоналната рамнотежа и репродуктивното здравје. Затоа, и физичката и психичката компонента мора да се третираат еднакво сериозно.

Што би им порачале на младите девојки кои штотуку почнуваат да се грижат за своето здравје?
ПРОФ. ЏИКОВА: На младите девојки би им порачала дека грижата за себе не е луксуз, туку одговорност. Потребно е уште во тинејџерски години да се воспостави култура на редовни прегледи, користење на контрацепција одговорно, запознавање со сопственото тело и гласно барање помош кога нешто не е во ред. Во рамки на Неделата, ќе има посебни едукативни сесии наменети токму за оваа популација.
Како гледате на иднината на женското здравје во Македоинија во следната деценија?
ПРОФ. ЏИКОВА: Јас сум умерен оптимист. Со зголемена достапност на скрининг програми, модерни технологии и мултисекторски пристап, гледам потенцијал за значаен напредок. Но, тоа бара јасни стратегии, буџети, и континуирана обука на кадар. Неделата на женското здравје е само еден од многуте чекори што треба да ги направиме.
Медицинските лица инсистираат на превенција и рана дијагностика во спречување на болестите. И сите знаеме дека е подобро да се спречи отколку да се лечи, но во здравствен ситем во кој нема термин за ехо на дојка, мамографија, преоптоварени матични гинеколози, како жените да се грижат за своето здравје? Што треба да преземат институциите за подобрување на пристапот до женската здравствена заштита?
ПРОФ. ЏИКОВА: Тоа е реалност која ја живееме секојдневно. Решението не е едноставно, но потребни се брзи и конкретни институционални интервенции – повеќе термини за мамографија, доекипирање на гинеколошки ординации, дигитализација на системот за закажување со давање на посебни термини за пациентки со соодветни шифри на кои им е потребна итна дијагноза и третман, како и поголема финансиска поддршка за скрининг програми. Мобилните гинеколошки амбуланти, кои успешно функционираат, се одличен пример за тоа како со малку вложување може да се постигне голем опфат, особено кај жените од рурални и социо-економски ранливи средини.
„Сакај се себе. Сакај го свеото здравје“е мотото на Неделата на женското здравје која ќе се одржи од 12 до 18 мај годинава, Најавена е презентација на нов прирачник за скрининг и дијагностика на нарушувањата на менталното здравје во предконцепциски и перинатален период. Што содржи прирачникот и што беше поттик тој да се изработи?
ПРОФ. ЏИКОВА: Прирачникот содржи современи алатки за рано препознавање на менталните нарушувања кај жени во предконцепциски и перинатален период, стандардизирани прашалници за универзален скрининг, алгоритми за упатување, како и совети за мултисекторска соработка. Покрива теми како депресија, анксиозност, насилство, и е наменет за гинеколози, матични лекари, психолози и семејства. Целта ни е ниту една жена да не биде сама со своите стравови во еден од најчувствителните периоди од животот.
Што друго ќе понуди Неделата на женското здравје?
ПРОФ. ЏИКОВА: Оваа година, покрај стручниот симпозиум на 17 мај, ќе се одржат и тематски настани како што е стручната сесија „Вакцинација во бременост“ на 16 мај, каде ќе дискутираме за безбедноста и потребата од имунизација кај бремени жени. Ќе се презентираат најновите ставови за ХПВ асоцираните болести и вакцинација против ХПВ, вклучувајќи ја родово неутралната вакцинација, вакцинација кај возрасни, како и кај бремени – што е релативно нова и контроверзна тема.
Особен акцент ќе ставиме и на ХПВ едукацијата кај ученици во повисоки одделенија, студенти, млади родители и здравствени работници. Нашата цел е преку кревање на јавната свест и стручна дебата, да изградиме консензус околу најдобрите практики во превенцијата на ХПВ асоцирани болести, особено рак на грлото на матката.
Дополнително, ќе се разгледуваат актуелни теми во областа на урогинеколошката хирургија и третман на урогинеколошки состојби. Во контекст на ова, ќе се анализира употребата на урогинеколошки траки како терапевтска опција во споредба со напредни методи како ласерски и лапароскопски третман. Оваа дебата е важна за понатамошно усовршување на клиничките пристапи во лечењето на урогенитални состојби и нивната ефективност.
Исто така, ќе се дискутира за реалната потреба од супортивна и додатна терапија пред и по IVF третмани. Различни научни податоци покажуваат дека соодветната подготовка на пациентките, како и адекватниот пост-третман, можат да го зголемат успехот на ин витро процедурите и да го минимизираат ризикот од неуспех или компликации.
Неопходно е и да се посветиме на ултразвучниот фетален скрининг, како и новите техники како PRISCA тестот во споредба со неинвазивната пренатална дијагностика. Ќе го разгледаме нивниот потенцијал за подобрување на прецизноста во откривање на фетални аномалии и прераспределбата на ризикот при различни скрининг методи.
На крај, ќе се презентираат новите перспективи во женската урогенитална хармонија, со акцент на балансот помеѓу урогениталната функција и здравјето на жените, кој вклучува нови терапевтски пристапи, минимално инвазивни техники и интегративни стратегии за враќање на здравјето на жените во урогениталната сфера.
Покрај стручните активности, ќе продолжиме со мобилните гинеколошки амбуланти – со бесплатни прегледи, делење средства за менструална хигиена, и промоција на редовните контроли.
Веднаш по Неделата на женското здравје, на 19.мај, огромна чест ми е и задоволство да ве поканам на ексклузивен настан во чест на проф. д-р Кипрос Николаидес, светски признат пионер во феталната медицина. Тој, ќе одржи предавање на тема „Современи трендови во феталната медицина“, каде ќе ги сподели неговите истражувања кои доведоа до можноста да ја предвидиме и превенираме прееклампсијата уште во 11–13 гестациска недела со едноставна терапија со нискодозажен аспирин. Ова е ретка можност за сите нас да се вклучиме во дискусија со еден од највлијателните стручњаци во областа, да стекнеме практични знаења и инспирација што може да ја промени судбината на многу бремени жени и нивните бебиња од нашата земја.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
фото: Приватна архива