Skip to main content
НАТАША ДОКОВСКА, ПРОГРАМСКА ДИРЕКТОРКА НА ЗДРУЖЕНИТО „НОВИНАРИ ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА“

Менопаузата е тема за која ретко се зборува, затоа решивме да го отвориме Центарот за самоподдршка како безбедно место за разговор и разбирање

Приватна архива / Доквоска: Нема програми за менопаузата, нема едукација во примарната здравствена заштита, а психолошка поддршка речиси не постои

Од први октомври годинава во центар „Гнездо“ во Скопје почнува со работа првиот Центар за самоподдршка за жени во менопауза. Средбите ќе се одвиваат еднаш неделно и планирани се средби со стручни лица како гинеколог, психолог, нутриционист. Жените ќе можат да споделат искуства, да разговараат за она низ што поминуваат, а ќе имаат можност и за арт-терапија, креативно изразување и зајакнување преку вежби за самоодбрана.

Недостига стратегија за женското здравје. Нема програми за менопаузата, нема едукација во примарната здравствена заштита, а психолошка поддршка речиси не постои. Жените се препуштени на сами себе или на интернет форуми, што често создава заблуди, вели во интервју за „Република“ Наташа Доковска, програмска директорка на Здружението „Новинари за човекови права“, кое е организатор на Центарот.

Во разговорот Доковска објаснува како е замислен да функционира Центарот, за големиот одѕив на жените кои се пријавиле на отворениот повик, за важноста на едукацијата. Интересирањето е големо, па Доковска вели дека размислуваат да отворат вакви центри и во другите градови во Македонија.

Го најавувате првиот Центар за самоподдршка за жени во менопауза кој треба да почне со работа на 1 октомври годинава. Од каде дојде идејата за формирање на Центарот?

ДОКОВСКА: Идејата се роди од нашата работа со жени и девојки во ранливи категории. Секогаш кога разговаравме за здравје и лични искуства, менопаузата остануваше тема за која ретко се зборува. Жените во тој период често остануваат сами со своите прашања и тегоби, без простор каде можат отворено да се изразат. Затоа решивме да отвориме прв Центар за самоподдршка, како безбедно место за разговор и разбирање.

Доковска: Жените ќе можат да зборуваат за сè што им се случува, за мислите и емоциите кои често ги чуваат во себе / фото: Приватна архива

Како е замислен концептот за работа на Центарот?

ДОКОВСКА: Центарот ќе биде комбинација од групни средби и повремени сесии со стручни лица – гинеколози, психолози, нутриционисти, па и арт терапевти. Жените ќе можат да зборуваат за сè што им се случува, за мислите и емоциите кои често ги чуваат во себе. Најважно е да постои атмосфера на доверба и поддршка.Но, ќе имаме и часови по арт терапија, каде жените ќе подготвуваат уметнички дела.

Го објавивте повикот на социјалните мрежи за пријавување. Каков е одѕивот? Дали ќе се формираат групи и може ли да се пријават и жени во перименопауза?

ДОКОВСКА: Одѕивот е навистина голем, многу поголем од очекувањата. Ќе се формираат повеќе групи за да може секоја жена да има свој простор. Пријавувањето е отворено и за жени во перименопауза – тоа е периодот кога започнуваат првите промени и најмногу се потребни информации и поддршка.

Доковска: Ако жените знаат што ги очекува и кои се опциите за полесно справување, ќе бидат посигурни и поопуштени / фото: Приватна архива

Иако е 2025 година, темата за женското здравје сè уште е табу. Каков е вашиот впечаток?

ДОКОВСКА: Мојот впечаток е дека жените сакаат да зборуваат, но немаат каде. Симптомите ги збунуваат, а системот не им нуди психолошка ниту социјална поддршка. Сè уште живееме во општество каде овие теми се игнорираат, и затоа Центарот ќе биде вистинско место за прекин на тишината.

Некои жени велат дека не е доволен само гинеколог, туку потребен е мултидисциплинарен пристап. Како гледате на тоа?

ДОКОВСКА: Тоа е точно. Менопаузата не е само гинеколошка состојба. Потребни се и ендокринолог, ортопед, нутриционист, психотерапевт… Нашиот Центар сака да отвори врати кон таков пристап, дури и преку гостувања на различни експерти.

Кои се најчестите митови или заблуди околу менопаузата?

ДОКОВСКА: Најчесто слушаме дека менопаузата значи крај на женственоста, дека мора да се трпи без помош или дека сите жени поминуваат низ исто. Тоа се митови. Секоја жена има свое искуство, а менопаузата може да биде и нов почеток доколку постои вистинска поддршка.

Колку е важна едукацијата за менопаузата уште пред нејзиното настапување?

ДОКОВСКА: Многу важна. Ако жените знаат што ги очекува и кои се опциите за полесно справување, ќе бидат посигурни и поопуштени. Едукацијата го намалува стравот и ја зајакнува свесноста за сопственото тело.

Дали планирате вакви Центри и во други градови?

ДОКОВСКА: Да, ова е само првиот чекор. Веќе имаме интерес од жени во други градови – Битола, Прилеп, Охрид. Тоа покажува дека потребата е голема на национално ниво.

Доковска: Недостига стратегија за женското здравје / Фото: Приватна Архива

Што најмногу недостига во системската поддршка за жените во менопауза?

ДОКОВСКА: Недостига стратегија за женското здравје. Нема програми за менопаузата, нема едукација во примарната здравствена заштита, а психолошка поддршка речиси не постои. Жените се препуштени на сами себе или на интернет форуми, што често создава заблуди.

Како Центарот ќе им помогне на жените?

ДОКОВСКА: Центарот ќе биде нивно место за разговор, за споделување искуства и за стекнување знаење. Ќе има групни средби, индивидуална поддршка, предавања, арт и телесни терапии. Но најважното е што жените ќе сфатат дека не се сами – и тоа е најсилната форма на поддршка.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: Приватна архива

Поврзани вести