
Македонски државјанин кој летувал на Малдиви е позитивен на зика вирусот, соопштија од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Ова е прв регистриран случај на Зика вирусна инфекција во Македонија.
Иако станува збор за импортиран случај, поради интензивниот меѓунаредон транспорт и се поголемите трендови за патувања во тропски туристички дестинации како Малдивите, Тајланд, Индонезија, Бразил, Карипскиот регион и други подрачја каде што има документирана циркулација на вирусот Зика, предизвикани од каснувања од азиски тигрест комарец, реално постои можност за појава на нови импортирани случаи.
Според добиените епидемиолошките податоци на Одделението за вирусологија при ИЈЗ, заболеното лице во периодот од 20-28.05.2026 година престојувало на Малдиви. За време на престојот, пациентот потврдил дека бил каснат од комарец. Првите знаци на болеста се јавиле на 24.05.2026 година со треска, болки по телото-мускулите и зглобовите, лесно покачена температура, за подоцна по четири дена да се појави и ситен, густ осип. Пациентот бил прегледан, а направени се и лабораториски испитувања за денга, зика и чикунгуња во Одделението за вирусологија при ИЈЗ. Согласно резултатите од микробиолошкото испитување, добиен е позитивен серолошки и молекуларен наод за зика“, велат од ИЈЗ.
Пациентот не бил хоспитализиран, пратен на домашно лекување и во моментот е во добра општа состојба. Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) континуирано регистрира патнички асоцирани случаи на Зика кај лица кои се инфицирале за време на престој во ендемски подрачја. Постои можност за понатамошно пријавување на нови случаи во периодот на активност на комарците за лицата кои патуваат во зафатените региони и ризикот за овие лица се проценува како низок до среден. Ризикот за населението во земјата во моментов се оценува како низок.
Од ИЈЗ советуваат дека ризикот може значително да се намали со спроведување на препорачаните превентивни мерки за заштита од убоди од комарци и придржувањето кон препорачаните превентивните мерки и совети.

Македонски



