Skip to main content

Македонија се подготвува за нови терапии за Паркинсонова и Алцхајмерова болест

Невролози и неврохирурзи од Универзитетскиот клинички центар Љубљана и од универзитетските клиники во Скопје разговараа за длабоката мозочна стимулација (DBS) кај Паркинсоновата болест и за антиамилоидните терапии со леканемаб и донанемаб во раната фаза на Алцхајмеровата болест. Се разговараше и за предусловите за нивно воведување во Македонија.

Панел дискусијата „Паркинсонова и Алцхајмерова болест: подобар третман за подобар живот“, се одржа во Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје.

Во националниот здравствен систем се регистрирани околу 24.000 лица со деменција, а проценките се дека до 2050 година бројот може речиси трипати да се зголеми. Со Паркинсонова болест живеат околу 8.000 граѓани, најголемиот дел од нив се згрижени дома, од своите семејства.


Паркинсоновата и Алцхајмеровата болест не се само дијагнози. Тоа се години живот, на пациентот и на семејството што се грижи за него. Ниту една од овие терапии не е за секого. И двете бараат внимателно избрани пациенти, обучени тимови, дијагностика и долгорочно следење. Затоа прашањето не е само дали, туку како: безбедно, стручно и одржливо“, изјави министерот за здравство Сашо Клековски.

Министерот истакна дека Министерството е подготвено да ја слушне струката и очекува од дискусијата конкретни препораки: што недостига, по кој редослед и за колку време.

Клековски им се заблагодари на гостите од Љубљана за двегодишната соработка меѓу клиниките од Љубљана и Скопје, која се реализира преку програмата „Mentor–Mentee“ на Меѓународното друштво за Паркинсонова болест и нарушувања на движењето (MDS).

Длабоката мозочна стимулација не е нова метода, но е извонредно успешна и докажана во изминатите 30 години. За жал, во Македонија сè уште не се изведува и со тим невролози, неврохирурзи, за да почнеме со планирање за имплементација на оваа метода и да се направи подготовка на системот и инфраструктурата за подготовка на новиот третман за Алцхајмеровата болест – истакна проф. д-р Габриела Новотни од Клиниката за неврологија.

Проф. д-р Дејан Георгиев од Универзитетска клиника за неврологија при Универзитетскиот клинички центар во Љубљана рече дека одлична е иницијативата, но и можноста да се воведе длабоко мозочна стимулација за лекување пациенти со Паркинсонова болест. Посочи дека станува збор за терапија што може да се користи не само за лекување Паркинсонова болест туку и други болести: нарушување во движењата, дистонија, тремор.

Се отвора можност за лекување и на други невропсихијатриски болести. Во Словенија на Клиниката за неврологија длабока мозочна стимулација се изведува веќе 15 години самостојно. Имаме традиција на лекување напредната фаза на Паркинсонова болест веќе 30 години. Драго ми е што знаењето од Љубљана можам да го пренесам тука во Скопје. ​Пациентите добиваат практично можност за нов живот со длабока мозочна стимулација. Значи, квалитетот на живот во напредната фаза на Паркинсонова болест е толку влошен што не може да ги извршуваат нормалните активности на дневен живот. Со длабока мозочна стимулација состојбата се враќа барем за 10 години. Со длабока мозочна стимулација се решаваат многу проблеми со кои се соочуваат пациентите со Паркинсонова болест во оваа напредната фаза – рече проф.д-р Георгиев.

Појасни дека целиот тој процес на подготвување на пациентот до операција и по неа е во рацете на неврологот.

Знам дека во Македонија пациентите одат да се оперираат во странство, особено во Турција, соработката апсолутно не е лоша работа. Но, проблемот е во тоа што тие пациенти, кога се враќаат во Македонија, нема кој да ги води. Длабока мозочна стимулација не значи само да се стават електроди во мозокот, треба да се стимулира, титрира, и понекогаш, за да се дојде до оптимална терапија со стимулација, во комбинација со лекови, трае околу една година. Апсолутно не е доволно само да се оперира и да се вклучи стимулација, потребно е да се соберат искуства од страна на неврохирургија и на неврологија. Многу е битно да се воспостави база на знаење во Македонија. Од финансиски причини е идеално затоа што парите остануваат во Македонија. Како што и знаењето и здравјето на пациентите останува во рацете на лекарите во Македонија – истакна проф.д-р Георгиев.

Според него, и кај нас непречено може да се изведува оваа метода.

Мислам дека апсолутно има критичко ниво на знаење како на страната на неврологијата како и на страната на неврохирургијата. Значи, тоа е научен процес, кој може да се совлада практично во рок од 6 месеци до најмногу една година – додаде проф.д-р Георгиев.

Директорот на Клиниката за неврологија, Јован Божиновски, рече дека средства има и треба да направат мултидисциплинарни тимови за да може таа метода да ја почнат кај нас.

Искрено, навистина сум оптимист дека во 2027 година ќе почнеме со првиот пациент, секако со огромна поддршка на Клиничкиот центар Љубљана. Вториот дел од денешната дискусија ќе биде новостите во третманот на деменциите, кои се брзорастечки болести и бидејќи нашата популација старее, тоа е нешто што ќе биде предизвик во иднина за третман и ќе бара многу средства за третман на овие пациенти. Болеста е едно оптоварување и за здравствените и за финансиските системи, меѓутоа и за семејствата на пациентите и за пациентот. Веќе разговараме за иновативните лекови, таканаречената биолошка терапија. Таа сè уште не се применува кај нас. Примената е ограничена и во регионите во земјите од регионот. Меѓутоа, ние мораме да бидеме подготвени за иднината што ни доаѓа – додаде д-р Божиновски.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека направил статистика за минатите две години и дека испратиле повеќе од 10 пациенти за лекување во странство. Во овој момент, посочи, има во процедура уште двајца и за таа цел ние формиравме интерна комисија на Клиниката за неврологија бидејќи тие барања ќе бидат разгледувани од три члена на комисијата, а понатаму ќе бидат упатувани до стручниот колегиум и до Фондот за здравствено осигурување бидејќи сакаме тие пациенти да бидат добро селектирани затоа што не секој пациент со Паркинсон е кандидат за изведување на оваа метода.

На панелот учествуваа, проф. д-р Звездан Пиртошек, независен експерт на ОН за остварување на сите човекови права на постарите лица, проф. д-р Дејан Георгиев, асист. д-р Јован Божиновски, директор на Универзитетската клиника за неврологија, и д-р Љуљзим Агани, директор на Универзитетската клиника за неврохирургија. Модератор беше проф. д-р Габриела Новотни.

Поврзани вести