Денеска стигнува дел од терапијата, утре ќе пристигнат уште два лека, во понеделник три и пациентите на Клиниката за онкологија ќе продолжат со терапијата, кажа денеска министерот за здравство Арбен Таравари, кој учестуваше на првата национална консултација за реформа на болничкиот сектор во државата, организирана во соработка со СЗО.
Таравари информираше дека е склучен договор со повеќе веледрогерии за набавка на лековите, нему му се познати „Алкалоид“ и „Пановски“ и додаде дека има уште три веледрогерии.
Првпат се случува 10 дена да нема терапија, но да не забораввиме дека 95 отсто од пациентите примаат редовно терапија, недостасуваше само за пет отсто пациенти. Оваа набавка која ја користиме сега, не ја направивме ние, туку претходното раководство. Но, тоа е неважно за пациентите. Вложуваме максимални напори од идната недела сите пациенти да бидат третирани. Се обидуваме за згаснеме пожари кои се предизвикани порано. Со новиот начин на набавка се надевам дека идниот јануари или феврури нема да недостасуваат лекови, изјави Таравари.
Во почетокот на неделата пациенти алармираа дека моментов нема биолошка терапија на оваа клиника. Ги немало лековите „atezolizumab (tecentriq)“, „bevacizumab (avastin)“, „palbociclib“, „ribociclib“, „fulvestrant“ и „cetuximab“. Тие тогаш кажаа дека стравуваат дека набргу ќе ги снема и „trastuzumab emtansine (kadcyla)“, „nivolumab“, „cobimetinib“ и „vemurafenib“.