Skip to main content

30,4 отсто од децата во Македонија на возраст од 6 до 9 години живеат со вишок килограми, а 4,4 проценти со екстремна дебелина, покажуваат податоците од Институтот за јавно здравје

30,4 отсто од децата на возраст од 6 до 9 години во Македонија живеат со вишок на килограми. Од нив, 13,8 проценти живеат со дебелина, а 4,4 отсто со екстремна дебелина, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Денеска, на 4 март, се одбележува Светскиот ден на дебелината и како што велат од ИЈЗ дебелината претставува глобален предизвик кој ги погодува сите слоеви на општеството, без разлика на полот, возраста, социјалниот статус или населеното место.

Лани, на овој ден беше најавено дека на Клиниката за детски болести ќе се отвори центар за дебелина за деца и адолесценти. Во Македонија има веќе два центри за менаџирање со обезноста кај возрасни – во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ и на Клиниката за ендокринологија во Скопје.

Дебелината не е само резултат на лоши избори или недостаток на дисциплина. Таа е болест која ја зголемува веројатноста за развој на други сериозни здравствени проблеми, како што се срцеви заболувања, дијабетес и рак. Затоа е важно дебелината да се препознае како болест и да се интегрира во здравствените системи како основен приоритет за превенција и третман.

Решавањето на проблемот со дебелината бара поширок и посуштински пристап, велат од ИЈЗ. Сметаат дека треба да се воведе ефективни регулативи за намалување на потрошувачката на храна и пијалаци кои ја поттикнуваат дебелината. Фискални политики, како што се даноците на засладени пијалаци и забраните за рекламирање на производи со висока содржина на шеќер, сол, заситени и транс масти, треба да станат задолжителни. Треба да се создадат јасни правила за обележување на храната, така што потрошувачите ќе можат да прават информирани избори за своето здравје.

Во Македонија, како и ширум светот, се соочуваме со сè поголеми стапки на дебелина. Досегашните напори, кои главно беа насочени кон поединците, веќе не се доволни. На Светскиот ден на дебелината, време е да се обединиме за промена системите кои ја поддржуваат оваа здравствена криза. Време да ја поразиме т.н. „обезогена средина“, велат од ИЈЗ.

Дебелината не е само проблем за поединците. Таа е последица на неуспешни системи во различни области: системи за храна, урбано планирање, пазарот на труд, економијата и здравствените системи. Проблемот со дебелината не произлегува само од лоши избори, туку и од системи кои ја поттикнуваат нездравата исхрана, слабата физичка активност и неадекватната здравствена грижа, додаваат од ИЈЗ.

Во Македонија, исто како и на глобално ниво, стапките на дебелина се поттикнати со промените во економијата, зголемената потрошувачка на преработена храна, агресивното рекламирање на храна богата со шеќер, сол, заситени и транс масти, промените во животниот стил на населението во насока на потрошувачко општество и ниски нивоа на физичка активност.

Ги повикуваме сите чинители да се фокусираат на промената на системите кои ја создаваат оваа криза. Потребно е да се преиспитаат регулативите во системите за храна, здравствените политики и општествените услови кои влијаат на нашите секојдневни навики, велат од ИЈЗ.

Истовремено, здравствениот систем во Македонија треба да биде подготвен за грижа на лицата со дебелина, со интегрирани програми за превенција и третман вклучени во здравствените пакети. Ова подразбира пристап до примарни, секундарни и терциерни услуги за луѓето со дебелина, како и редовно следење на факторите на ризик и спроведување на превентивни мерки.

Локалната самоуправа има клучна улога во создавањето на услови кои ќе овозможат поголема физичка активност и здрави навики. Изградбата на јавни зелени површини за рекреација и развој на инфраструктура за пешачење и велосипедизам се неопходни чекори за поттикнување на здравиот начин на живот. Работодавците, исто така, можат да играат важна улога во намалувањето на стигмата и во создавањето на работни услови кои ги поддржуваат здравите навики, додаваат од ИЈЗ.

На Светскиот ден на дебелината, ги повикуваме донесувачите на одлуки да дејствуваат брзо и ефективно за промената на системите кои ја предизвикуваат оваа здравствена и општествена криза. Без комплексен и системски пристап, проблемот со дебелината ќе продолжи да расте, создавајќи огромен товар на здравствениот систем и општеството, велат од ИЈЗ.

Поврзани вести