
OpenAI ја претстави новата функција Study Mode во рамки на ChatGPT, иновативен пристап кој поттикнува критичко размислување, наместо само брзи одговори. Овој режим е достапен за сите регистрирани корисници и функционира како интерактивен тутор осмислен да поттикне подлабоко разбирање и самодоверба кај учениците, пренесува webmind.mk.
Како функционира Study Mode?
За разлика од класичниот режими на работа, каде што корисникот добива директен и конкретен одговор, Study Mode применува поинаков пристап. Наместо да го „соопшти одговорот“, ChatGPT сега „поставува прашања“, нуди насоки, поставува дополнителни предизвици и предлага начини преку кои корисникот сам стигнува до решението.
Овој режим е развиен во соработка со педагози, истражувачи и универзитетски тимови, кои помогнале во дизајнот на образовната методологија. Тој користи т.н. сократска метода, серија логички, но предизвикувачки прашања кои водат кон точниот одговор и подобро разбирање на концептите.
Корисниците лесно можат да препознаат кога се во Study Mode, бидејќи искуството е значително поинакво: ChatGPT не ја решава задачата наместо нив, туку ги насочува да дојдат до решението со сопствено размислување. Интерфејсот исто така овозможува повратна информација, квизови и споделување резултати, со што учењето станува подинамично и поинтересно.
Што ќе се случи со образованието и каде се границите?
Со оваа функција, OpenAI јасно покажува дека вештачката интелигенција не ја гледа само како алатка за автоматизација, туку и како партнер во процесот на учење. Study Mode е достапен за сите корисници, вклучително и оние со бесплатни профили, како и за корисниците на Plus, Team или Edu верзиите.
Најголемата предност на овој режим е тоа што го прави учењето активен процес, корисникот не чита пасивно туѓ одговор, туку мора да размислува, анализира и поврзува. Во тој контекст, овој пристап е особено корисен за студенти, средношколци, но и за возрасни кои сакаат да совладаат нови знаења.
Сепак, постои и еден значаен предизвик: корисниците лесно можат да се префрлат назад во стандардниот режим ако сакаат брз одговор без поголем ментален ангажман. На тој начин постои ризик Study Mode да остане алатка што ќе ја користат само помал број ученици. Дополнително, овој режим сè уште не поддржува слики, графикони или визуелни објаснувања, што може да биде ограничувачки за предмети што бараат повеќе од текстуален пристап како што се математиката или биологијата.