
Од 15:45 часот повторно е отворен за сообраќај граничниот премин „Богородица“ од македонска страна, односно граничен премин „Евзони“ од грчка страна, информира Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).
Граничниот премин „Евзони“ денеска беше затворен за сообраќај од 11 часот поради протест на грчките земјоделци.
Пред „Евзони“ се паркирани над 300 трактори, а периодичните блокади траат речиси две недели.
Протестите на земјоделците, кои започнаа на 30 ноември, се проширија низ цела Грција, каде што изминатите денови беа поставени над 50 блокади на автопатишта и локални патишта, што значително го отежнуваа сообраќајот.
Од АМСМ велат дека на останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Сообраќајот на државните патишта, според АМСМ, се одвива непречено, по претежно суви коловози, а интензитетот на патните правци надвор од градските средини е умерен.
Од АМСМ препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата.
Посебна претпазливост се препорачува на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите поради можност од појава на одрони.
Ова посебно се однесува за следните делници Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Македонски






