
– Поранешниот американски претседател и неговата прва дама, Барак и Мишел Обама на хумористичен начин ги отфрлија постојаните гласини за нивните брачни проблеми.
– Таа ме прими назад!, рече Барак низ смеа во интернет-емисијата на својата сопруга.
Во опуштена атмосфера на најновата епизода од подкастот којшто Мишел го води со својот брат Крег Робинсон, познатиот пар се осврна на медиумските гласини дека нивниот брак е во криза. Наводите, вссушност се појавија откако Мишел не се појави со својот сопруг на неколку важни јавни настани, вклучувајќи ја и инаугурацијата на претседателот Доналд Трамп.
По опуштениот вовед, Мишел со посериозен тон ја нагласи силата на нивната врска:
– Никогаш немаше миг во нашиот брак кога помислив да се откажеме еден од друг. Секако, имавме некои навистина тешки времиња, но имавме и многу забава и авантури. Станав подобра личност поради човекот со кого сум во брак.
Ова не е првпат поранешната прва дама на САД да се осврне на туѓите озборувања. Во април, таа ѝ раскажа на глумицата Софија Буш – во друга емисија, како луѓето веднаш ги протолкувале нејзините независни одлуки како знак на брачни проблеми.
– За луѓето е несфатливо што донесував одлука за себе, па веднаш претпоставија дека мојот сопруг и јас се разведуваме. Не може ли ова да биде возрасна жена која едноставно донесува низа одлуки за себе? …Но, така функционира нашето општество. Кога конечно ќе почнеме да се прашуваме што правиме и за кого го правиме тоа, и ако тоа не се вклопува во стереотипите, веднаш сме етикетирани како нешто „негативно и ужасно“, заклучи Мишел.
Мишел и Барак Обама се в брак веќе 33 години