Skip to main content

Лазарополе – место што се сака со цело срце

Преземено од МИА / Сања Костовска

Лазарополе е повеќе од село – тоа е чувство што се буди длабоко во стомакот секогаш кога патот ќе нè поведе кон Бистра. На секој патник-намерник срцето почнува да му чука побрзо во оној миг кога пред него ќе се простре Мавровското Езеро – сино и мирно како здив пред средба со сакано лице. Патот се свива покрај манастирот „Свети Јован Бигорски“, покрај светоста која не само што бдее, туку и благословува. А долу, како тајна што не секогаш се открива, Радика шепоти за својот пат низ карпите и шумите.

И токму таму почнува трпеливото исчекување. Пет кривини, само пет – што ние како деца ги броевме небаре одбројуваме до полноќ на Нова Година. Со секој нов свиок, душата се исправа, како да знае што следи.

А, кога ќе ја одминеме Миревичина, пред нас – како слика од сонот – се простира Лазарополе. Камените куќи, склопени како зборови во стара песна. А, над него, тивок и сигурен, Цуцул стои – не како стражар, туку како родител што со љубов го следи растењето на своето чедо.

Да имав време и простор, ќе ви зборував за нарцисите што напролет го преплавуваат пределот – како да земало Сонцето огледало и се огледува во цветовите. Ќе ви раскажев и за елеганцијата на стадата диви коњи што се појавуваат ненадејно – како сенки на слобода и за најубавиот вкус на дивите јаготки. Можеби некому ќе му послужеше да дознае за волшебните својства на Ѓурепи и на Јорска (мошка) вода. Овде нема ни да го спомнам вкусот на храната во „Калин хотел“, ниту пак атмосферата во „Т’га за југ“, каде душата сама си порачува музика. Нема да зборувам ни за мирот кога снегот го покрива селото и сè ќе стивне како во бајка. Ниту пак за сирењето и кашкавалот од кои, штом вкусиш, растеш барем два сантиметри – ако не по висина, тогаш сигурно по љубов. Се колнам, ниту збор за величенствениот поглед од Соколица. Би можела да кажам и дека тука, на 1350 метри надморска височина, ѕвездите се толку блиску што ако ги испружиш прстите – ќе ги почувствуваш како трепкаат под кожата.

Но, за ништо од тоа нема да ви кажам ниту збор. Зашто оваа приказна е за нешто друго.
Високо на Бистра, меѓу облаци, стари дабови и сиви камени куќи, лежи Лазарополе – село што не го мерат по бројот на жители, туку по тоа колку љубов собира за Илинден. Од мај до октомври, селото пулсира, но на 2 август – срцето на Мијачијата најгласно чука токму овде. Во ритамот на зурлите и тапаните.

Кога зурлата, во квечерината на 1 август ќе одекне на сретсело, почнува крвта да жуборка во вените и морници да лазат по грбот. Дум, дум, дум – звукот на тапаните отвора портал во минатото и ја буди ДНК-та на комитите. Ритамот нè потсеќа на јуначкото срце на Ѓурчин Кокалески – Кокале, кој е еден од првите македонски преродбеници и општественици, роден во 1775 година во Лазарополе. Неговата автобиографија „Наказание“, напишана во 1823 година, е првиот македонски автобиографски текст на народен јазик и со словенско писмо. Напишана на мијачки дијалект со старословенски букви, ја прави вреден извор за проучување на јазикот и етнографијата. Текстот е објавен во А. Белиќовата „Галички дијалект“ во Белград во 1935 година, презентиран со македонска азбука. Кокале е значаен за многу аспекти, но овде се задржуваме за неговата нераскинлива врска со Лазарополе и Иликден (како што лазаровци го нарекуваат Илинден).

Таткото на Ѓурчин Кокале, како што раскажува за МИА, 94-годишниот Петре Коловски, автор на книгата „Лазороските зографи“, побегнал од Албанија, каде Османлиите се обидувале да го наметнат исламот. Подоцна, Ѓурчин се стакнал со богатство и меѓу другото имал околу 30.000 овци и 600 коњи, кои во зимските месеци неговите помошници ги носеле на пасење во Солунско. Една зима заминал самиот да ја провери стоката и бил сместен во куќата на локалниот поп. Набрзо, неговиот домаќин му ја раскажал маката: Во близина има одметнат генерал од турската војска, за кого султанот распиша награда. Тој постави шатори, заедно со својата единица и бара секоја ноќ по една девојка да му носат. Денеска е редот на мојата ќерка, раскажал попот. На тоа, Кокале станал, се истопорил пред шаторот на разбојникот и го предизвикал на двобој. Му рекол да не ги вмешуваат своите дружини, туку проблемот да го решат меѓу себе. Во борбата Кокале бил ранет, но сепак успеал да го собори од коњот одметнатиот генерал и со сабја да му ја пресече главата, која потоа ја однел кај султанот во Стамбол. Султанот стоел на зборот и ги исполнил барањата на Кокале и издал три фермани – го поставил за член на обласниот Меџлит (Собрание), да не се дозволи изградба на кула и турски аскер во селото (што било почитувано само додека бил жив Кокале) и ферман за дозвола за изградба на црква во Лазарополе. Благодарните селани сакале црквата да ја крстат свети Илија, по таткото на Ѓурчин, но Кокале инсистирал црквата да го носи името на постојната мала црквичка – свети Ѓорѓија. Но, им порачал на селаните дека доколку сакаат да му укажат чест да го земат празникот свети Илија за селска слава. Така и било, па во 1832 година почнала изградбата на црквата Свети Ѓорѓија, раскажува Коловски, додавајќи: но, со три скалила в земја, како и сите други цркви во тоа време, бидејќи не смееле да бидат повисоки од џамиите.

За момент се враќам во сегашноста и ги гледам куќите накитени со македонски знамиња, старо и младо на оро и секако неизбежните сеирџии отстрана. Лазоровци се познати играорци (сетете се на „Танец“ и Дојчин Матевски). Зурлата со тага го пара небото и не опоменува да не ја заборавиме 1943 година и зулумите на Џемо балистот.

Да, тоа е настанот кој имал најголемо влијание на животот на селото. За време на војната, Лазарополе беше под италијанска воена, а албанска цивилна власт. Карабињерите беа многу пријатни луѓе. Но, со капитулацијата на Италија, тие си заминаа. Инаку, на почетокот на војната во училиштето ни донесоа албански учител кој требаше да нè научи албански јазик. Претходно учевме на српски. Но, после една-две недели речиси ниедно дете не остана в училница, па тој виде – не виде си замина во Албанија. Тогаш, еден четврток дојде Џемо балистот (Џемаил Хасани) од село Симница, гостиварско и ги собра сите мажи на сред село и им порача за една недела да заминат или ќе бидат живи запалени. Речиси сите заминавме. Ние имавме коњ, а од двете страни по еден кош и во секој од нив –  дете. Во селото останаа само неколку старци кои сведочеа дека после една недела Џемо се вратил и неговата дружина запалила оган за да ги запали преостанатите, но во последен момент му било јавено дека партизаните го напаѓаат неговото родно село, па морал да оди да го брани. И така куртулиле, раскажува дедо Петре, инаку дипломиран педагог кој целиот работен век го минал во училница.

Тој раскажува дека по војната следувале подобри денови за селото. Била формирана Мијачко – текстилна кооперација, која подоцна ќе прерасне во селската задруга „Кочо Рацин“. Но, некои работи се промениле. Пред војната, вели Коловски, во селото никој не славеше роденден, туку сите славевме само имендени. И оние што имаа и оние што немаа исто принесуваа на маса: ракија, леблебија и суво грозје. Но, во годините по војната, со зајакнувањето на комунизмот, луѓето се плашеа и веќе не славеа имендени. Вели дека негови блиски завршиле на Голи оток поради, меѓу другото и венчавка во црква. Еднаш, комунистите сакале црквата Свети Ѓорѓија да ја претворат во штала, но црковниот одбор, чиј член бил и таткото на Коловски и селаните се собрале пред црквата и спречиле такво нешто.

А што е Лазарополе без црквата Свети Ѓорѓија и без Илинден. Утрото на 2 август камбаните најсилно бијат и ги повикуваат селаните на утринската литургија.

Во свечена атмосфера, облечени (порано) во нови алишта, но и ден денес, ако веќе не се нови, сите се убави, дотерани. Селаните, со свеќи в рака оддават почит на оние пред нас и се молат за добри денови за оние по нас.

Потоа следува фамилијарен свечен ручек. Сите со лазороски корења се обидуваат барем на Илинден да се таму. Кога бевме деца, во една куќа знаеше да има по десетина и повеќе луѓе, а сега во истите куќи собира само по тројца, четворица (што ли се случило во меѓувреме).

И тамам кога доаѓа време за лубеницата, се слушаат наследниците на Мајо и Исо, поколенијата на едниот брат специјализирани за зурли, а на другиот на тапани, кои со својата музика уште ја раскажуваат приказната за мајовци, египѓани, врвни мајстори – ковачи.

Е, токму нивните внуци и правнуци го разгоруваат жарот во Лазоровци. Па и денес, штом ќе одекнат првите звуци на „Тешкото“ занемуваат сите, гледајќи ги најстарите мажи како го играат ова оро, кое само оние од Мијачијата вистински го чувствуваат во коските.

А, Мијаците отсекогаш се задевале меѓу себе, па едните се фалеле со Тресонечка, други со Гарска Река. Секако имале што да кажат и оние од Селце, Росоки, Сушица, Осој и Могорче. Но, најголемото ривалство на лазоровци отсекогаш било со Галичник. – Галичник беше познат по богатсво (и скржавост), Тренсонче по интелектуалци, а Лазарополе по култура, уметност и боеми, вели Коловски. – И тие почнаа со организирање Галичка свадба, иако таа е всушност мијачка свадба. Тогаш, на времето се собравме од сите мијачки села и предложивме секоја година да се одржува во друго село, но Галичник, ете, не прифати, појаснува Коловски. Но, она што го радува е што годинава го прославивме Илинден подобро од кога и да е. – Селото полно млади луѓе, вели тој, додавајќи дека иако е повеќе туристичка населба отколку село, бидејќи не живее цела година, сепак, она што дава надеж е дека од најмало до најстаро негуваат огромна љубов за оваа заедница. Дури и странците заминуваат со восхит и ветување дека ќе се вратат барем уште еднаш во животот.

Топаните се пакуваат и заминуваат, а селаните продолжуваат да го прославуваат Илинден со забава во своите домови, при тоа не заборавајќи да им раскажат на децата за обичаите што биле, за песните што се пееле, за традицијата, за истрајноста, за маките и успесите на претците, со само една молба: раскажете им и вие на вашите чеда за тоа што значи и како се сака Лазарополе.

Поврзани вести