Skip to main content

Студентката на Правен факултет Чарна Невзати од Скопје ќе ја претставува Македонија на изборот за „Мис на светот“

Чарна Невзати од Скопје

По подолг период отсуство од манифестацијата, македонската држава оваа година има своја претставничка на претстојниот избор за „Мис на светот”, чие финале ќе се одржи на 31 мај во градот Хајдерабад, Индија, а фестивалските активности траат цели месец дена.

По внимателен избор од страна на организаторот и сопственик на лиценцата Шаќир Села, воедно и сопственик на најпознатата модна агенција „Даман” во Истанбул, титулата „Мис Македонија” ја понесе Чарна Невзати од Скопје.

Чарна е 20-годишна студентка на Правниот факултет ,,Јустинијан Први” во Скопје каде е двоен победник, со освоена специјална награда за најдобар сценски настап „ Бранко Ѓорчев“ и е победничка на 26та Ораторска вечер „Иво Пухан“. Професионално се занимава со моделинг, како дел од модната агенција „Макс Моделс”, со низа модни кампањи за познати домашни и светски брендови.

Чарна Невзати ќе биде дел од 72-от избор на убавина за „Мис на светот” на кој ќе учествуваат 120 држави. Таа плени со својата природна убавина, интелегенција и самодоверба. Во очи на настанот, изјави дека ѝ претставува голема чест и задоволство да ја претставува Македонија, нашето национално богатство и култура.

Веруваме дека нашата претставничка ќе биде достојна амбасадорка на македонската убавина, култура и вредности на светската сцена и најдобро ќе ја промовира државата на светско ниво.” – истакна Села, кој минатата година за првпат по 15 години организираше избор на убавина во нашата држава.