
Шоурумот за македонски дизајнери и знаетчии „Лаб дизајн маркет“ во сабота, 1 март, со почеток од 12 часот напладне го прославува својот прв роденден со настан во соработка со „BIG SEE Македонија“.
Како дел од соработката меѓу македонскиот шоурум „Лаб дизајн маркет“ и платформата за архитектура и дизајн „BIG SEE“ со седиште во Љубљана, Словенија, македонскиот огранок од словенечката организација ќе одржи презентација на победниците од Македонија во категоријата мода и дизајн на производ што платформата „BIG SEE“ ги доделува годишно од 2018-та година.
Програмата на роденденската прослава ќе започне во 12 часот со презентацијата на која ќе учествуваат модните дизајнери Марија Милошевска, Евгенија Зафировска и Драган Христов, како и дизајнерите на производи Катерина Трпковска, Деа Беатовиќ и Марта Грнаровска Наумовска модерирана од координаторот на „BIG SEE Македонија“ Ана Бојаџиевска. Посетителите ќе може одблиску да се запознаат со новитетите во работата на македонските дизајнери и како „BIG SEE” наградите влијаеле во нивната кариера.

Во вториот дел ќе може да се погледне изложбата „ Од концепт до награда – BIG SEE дизајн приказни“, по што следува роденденската прослава на „Лаб дизајн маркет“ во добро познатата опуштена атмосфера со музика и пијалаци.
„BIG SEE“ е платформа за промоција на дизајн од југоисточна Европа основана во раните 2000-ти, домаќин на 2 национални и интернационални награди, саеми за архитектура и дизајн и организатор на конференции и настани со цел да направи промени во начинот на кој луѓето живеат и работат, а пред сѐ консумираат.
Тимот на „Лаб дизајн маркет“, „BIG SEE Македонија“ и „Лабораториум“ ги покануваат сите вљубеници во добриот дизајн заеднички да го прослават роденденот на единствениот шоурум кај нас на овој еднодневен настан во сабота, 1 март, од 12 до 18 часот.