
Sardine Girl Summer е новиот тикток-тренд кој ги промовира сардините како суперхрана, богата со омега-3, витамини и колаген
Деновиве на ТикТок се појави нова диета и веднаш стана вирална – Sardine Girl Summer. Зад ова симпатично име се крие сериозно фитнес-движење кое промовира здрава исхрана преку една едноставна, но нутритивно моќна состојка – сардините.
Зошто сардини?
Сардините се богат извор на омега-3 масни киселини, кои докажано ги намалуваат воспалителните процеси, го чуваат здравјето на срцето и ја поддржуваат функцијата на мозокот. Покрај тоа, содржат значајни количества на витамини Д и Б12 – есенцијални нутриенти за јак имунитет, добро расположение и стабилна енергија.
Калциумот и фосфорот од сардините дополнително придонесуваат за зачувување на здравјето на коските, додека природниот морски колаген и коензимот Q10 нудат придобивки за кожата, зглобовите и клеточната регенерација.
Тренд од социјалните мрежи кој има и здравствена поткрепа
Трендот започна кога инфлуенсерките, најмногу од САД, Велика Британија и Австралија, почнаа да ги споделуваат своите оброци со сардини. Комбинираат конзервирани сардини со бисквити, путер, маслиново масло, кисели краставички, јајца и други додатоци – сето тоа внимателно сервирано во гурмански стил на штици или чинии.
Брзо добија милиони прегледи и коментари, а нутриционистите се согласуваат – овој тренд е и повеќе од оправдан.
Здрав и практичен оброк без готвење
Сардините се достапни во сите продавници, имаат долг рок на траење и за разлика од повеќето морски риби, еколошки се одржливи. Совршен избор за луѓе кои сакаат брз, вкусен и здрав оброк, без комплицирано готвење.
Овој тип на исхрана е погоден и за жени и за мажи, а особено е корисен за:
зачувување на мозочните функции (масните киселини и Б12)
здравјето на срцето (омега-3)
добра кожа, коса и нокти (колаген и протеини)
чувство на ситост и одржување на телесната тежина (поради високото количество на здрави масти и протеини)
Како да ги јадете? Инспирација за послужување
Нема правила – сардините можете да ги јадете како ви одговара. Некои идеи вклучуваат:
на потпечен леб со лимон и магдонос
со тестенини со лук и доматен сос
со крекери и сенф
во сендвич со авокадо
со ориз, маслинки и тврдо варени јајце
Не мора да ги јадете секојдневно – доволно е да воведете 2-3 оброка со сардини во исхраната неделно за да ги почувствувате здравствените придобивки.
Пример за оброк со сардини на топол ден:
1 конзерва сардини (во маслиново масло, вода или сок од лимон)
неколку интегрални крекери или потпечен леб
путер, хумус или авокадо
маслинки, краставички, шери домати
тврдо варено јајце или парчиња фета-сирење
свеж лимон, магдонос, маслиново масло и зачини по вкус
Сето тоа се послужува ладно – совршено е за лето, за пикник, за на работа или како брз ручек дома.
Извор: Убавина и здравје