
На Велики петок домаќинките ширум Македонија бојосуваат јајца, а она што најмногу ги мачи е како да не им испукаат при варењето, но и како да избелат потемните јајца, како и дали навистина се свежи. Еве како да го направите сето тоа на најдобриот можен начин.
Како да препознаете дали јајцата се свежи?
Во тенџере сипете вода до ниво што е барем двојно повисоко од висината на јајцата. Ако јајцата потонат и останат цврсто на дното, тоа значи дека се свежи. Ако се креваат по малку од дното, не се најсвежи, но безбедни се за консумација.
Јајцата кои пловат на површината се расипани и не би требало да се консумираат. Инаку, расипаните и старите јајца пловат, затоа што во нив има повеќе воздух. Свежите јајца имаат помалку воздух во себе. Како што јајцата стареат, така лушпата пропушта сѐ повеќе воздух и во јајцето се создаваат меурчиња воздух. Кога ќе ставите такво јајце во вода, меурчињата ќе дојдат до врвот на јајцето и тоа ќе плови.
Јајцата во фрижидер можат да останат свежи и до пет недели, додека на собна температура може да се расипаат за два часа.
Како да не ви пукаат јајцата при варењето?
Пред сѐ, важно е водата да не врие пресилно и да има доволно место во тенџерето за да се движат јајцата. Така нема да се судираат и да се оштетат. Некои дури и полека ја мешаат водата додека зоврие, потоа ги оставаат јајцата да се варат неколку минути, па ја исклучуваат ринглата и ги оставаат во таа вода уште половина час.
Многу е важно и јајцата и тенџерето во кое ги варите да бидат на собна температура. Освен тоа, сигурно сте слушнале дека лажица оцет ќе ја спречи лушпата да испука, а истата моќ ја има и солта. Нема да штети ни ако ги ставите двете.
Како да ги избелите јајцата?
Постапката за избелување, всушност, е многу едноставна. Сѐ што ви треба е алкохолен оцет и вода во сооднос еден на еден. Па така, една чаша вода на една чаша оцет за три јајца. Ако варите повеќе, зголемете ја количината.
Прелејте ги јајцата со оцет и вода, за да бидат целосно потопени, па ставете ги на силен оган. Кога течноста ќе се загрее, ќе почне да се појавува кафена пена. Кога водата ќе зоврие, намалете ја температурата и отстранете ја сета пена со лажица. Варете ги јајцата десет минути, исцедете ги и измијте ги со ладна вода.
Дополнително, пребришете ги со сунѓер или крпа за да ги отстраните евентуалните дамки, но бидете внимателни, бидејќи лушпата ќе биде за нијанса потенка поради варењето во оцет.