Skip to main content

Кимберли Флечер на „Јас сум жена“: Имате лидерство што ја носи земјата во правилна насока, сега е моментот движењето на мајките да застане заедно со креаторите на политики

Фото: МИА

Имате лидерство кое земјата ја носи во правилна насока и сега е моментот за движењето на мајките да застане заедно со креаторите на политики, порача вечерва Кимберли Флечер, американска авторка, колумнистка, претседателка и основач на организацијата Moms for America, која беше главна говорничка на 4-та Глобална женска лидеска конференција „Јас сум жена“ што се одржа во Скопје. 

Флечер, која е опишана од медиумите како „мајка која безрезервно ја сака Америка“, е сопруга на пензиониран офицер од Воздухопловните сили и мајка на осум деца.

Таа во својот говор раскажа како дошла до идејата да ја формира организацијата Moms of America, и најави можност дека оваа мрежа ќе се прошири и во Македонија.

-Дали ја знаете приказната за Вашата земја? Имате убава приказна. Пред неколку месеци имавте трагедија и се издигнавте повторно. Александар Велики е во сржта на оваа нација, чии семиња се длабоко посеани во почвата на оваа земја на семејство, верба и слобода. Вие имате лидерство кое земјата ја носи во правилна насока и сега е моментот за движењето на мајките да застане чекор со чекор со креаторите на политики, потенцира Флечер.  

За тоа како сакате да изгледа вашата земја, нагласи Флечер, вие самите одлучувате за тоа.

-Вие сега имате влада што оди во правилна насока. Имате одлична патека напред. Но претседателот, премиерот не можат тоа да го направат сами, тие имаат определен мандат, но вие граѓаните сте тука засекогаш. Ние како Мајки на америка сме во мисија да ја прошириме оваа мрежа во светски рамки, и Македонија е на нашата мапа, рече Флечер.

Според неа, да се биде мајка е нешто што ви дава сила и како што кажа, моментите на мајчинството се лекции коишто ги учела и и помогнале да биде подобра личност, подобра жена во целост. 

-Пред да се формира Мајки на Америка, јас воопшто не знаев ништо за функционирањето на здруженијата. Се започна на 9/11. Мојот сопруг беше стациониран во Пентагон и почнав да гледам надвор од моето опкружување, што не доведе до ова, како ова се случи… Тој ден одблизу и лично сфатив што значи чувството да се биде патриот. Многу од мајките во Америка не си ги знаат своите права согласно Уставот, не знаат каква вредност имаат за општеството, и токму јас формирајќи ја оваа организација сакав да им ги објаснам сите овие работи, раскажа таа.

Според Флечер, најдобар начин да ги воспитуваме децата на патриотизам е да им раскажуваме приказни за нашите земји, приказни за нивното раѓање, приказни за нашите животи, не треба да сме перфектни туку само искрени и да ја покажуваме нашата безусловна љубов и кога ќе им го дадете тоа, вели таа, им давате безбедно место во овој свет полн со предизвици. 

-Мојата порака до сите жени е имате многу можности да одите напред само треба да го изберете тоа што го сакате.

На прашањето дали го поддржува американскиот претседател Доналд Трамп во сите негови политики, таа одговори „не стопроцентно“.

-Не, не стопроцентно, можеби 99. Ако стопроцентно верувате во политиките на било кој политичар ќе се запрашам зошто го правите тоа, кусо одговори Флечер. 

Таа е авторка на повеќе книги, меѓу кои и „WOMEN: America’s Last Best Hope“, и чест гостин на национални медиуми како Fox News, The Blaze и Breitbart. Со повеќе од 17 години искуство во граѓанскиот активизам, таа учествувала во две претседателски кампањи и е препознаена од актуелниот претседател како клучна фигура за неговиот успех.

Нејзиното влијание денес се шири глобално – со визија за враќање кон нормален начин на живеење во различни земји. Личната мисија на Кимберли е да ги инспирира мајките ширум светот да ја препознаат и применат својата вредност и моќ во општеството. На конференцијата „Јас сум жена“, таа ќе зборува токму за улогата на мајките како вистински двигатели на општествените промени и за тоа како со многу љубов и искрена посветеност можат да изградат подобра иднина за сите нас, посочуваат организаторите.