
Австралиско-американската глумица Никол Кидман и кантри-пејачот Кит Урбан наводно се разделиле, по 19 години брак. Извори за „Ти-ем-зи“ (TMZ) и други медиуми потврдија дека славниот пар живее одвоено „од почетокот на летото“, додавајќи дека актерката се грижи за нивните две деца – Сандеј Роуз и Фејт Маргарет.
„Понекогаш врските едноставно завршуваат“, вели извор за „Пејџ сикс“ (Page Six), истакнувајќи дека Кидман не сакала развод, па се обиде да го спаси бракот. – „Кидман го држи семејството заедно во овој тежок период откако Кит си замина“, додаде изворот.
Урбан, според наводите, се иселил од семејниот дом во Нешвил и купил свој имот во истиот град.
Никол и Кит првпат се запознаа во јануари 2005 година, а се венчаа на 25 јуни 2006. Претходно, глумицата беше вo брак со Том Круз, од 1990 до 2001 година, со кого има две деца – Бела и Конор.
Американскиот пејач, патем, привлече внимание пред неколку месеци откако прекина интервју, поради прашање за неговата сопруга. Имено, во разговорот го прашаа како се чувствува во врска со страсните сцени на Кидман со Зек Ефрон во филмот „Семејна афера“ (A Family Affair). Продуцентите потврдија дека Кит го прекинал видеоповикот.