Skip to main content

Заврши јубилејното 15. издание на Баскерфест – фестивал кој повторно ја оживеа уличната сцена низ Македонија

Со последната фестивалска вечер одржана на 6 септември на плоштадот во Гевгелија, заврши јубилејното 15. издание на Баскерфест – најголемиот уличен фестивал во Македонија и еден од највозбудливите и најпрепознатливи културни настани во регионот.

Под мотото „Побарај ја забавата“, Баскерфест оваа година, по неколкугодишна пауза се врати посилен и повозбудлив од кога било досега, носејќи ја уметноста директно до граѓаните и претворајќи ги плоштадите, улиците и јавните простори во сцени полни со енергија, боја и магија.

Фестивалскиот караван започна на 25 август во скопската општина Кисела Вода, а потоа продолжи во Велес, Кавадарци, Прилеп, Битола, Охрид и Тетово, за од 1 до 4 септември повторно да се врати во главниот град, гостувајќи во општините Бутел, Аеродром, Гази Баба и Ѓорче Петров. Последните два фестивалски дена беа резервирани за Куманово и Гевгелија.

Вкупно 13 локации во 9 градови низ земјата беа дел од ова двонеделно патување, кое собра илјадници посетители и љубители на уличната уметност.

На јубилејното издание настапија повеќе од 20 интернационални уметници од четири континенти, меѓу кои: огнениот спектакл на Plucie Ogniem од Полска, харизматичниот театарско-циркуски артист Hiram Meza од Чиле, несекојдневниот уницикл-шоу перформанс „Equilibrium“ на Mr. Mostacho, шармантниот бразилски куклар Edu Boneco со своите Carolina и Maria Beijoqueira, како и канадскиот уметник Sean Rooney кој воодушеви со својата балон-уметност.

Локалната публика со особена топлина го прифати и македонскиот артист Кристијан Бенито, кој со својот автентичен стил внесе домашен дух во интернационалната програма. Свој настап имаа и The Beat Killers Academy од Албанија со урбани танцови перформанси, како и статуетите од Србија, кои со неверојатна актерска уметност ги воодушевија посетителите. За музичката атмосфера беше задолжен DJ MartiAn, кој секоја вечер ја претвораше фестивалската сцена во вистинска забава.

Организаторот Пане Темов истакна дека ова јубилејно издание потврди зошто Баскерфест е уникатен и неопходен на културната сцена.

По неколку години пауза, се вративме на улиците посилни и повозбудливи од кога било досега. Илјадници луѓе низ Македонија беа дел од оваа приказна, создавајќи спомени што ќе траат. Баскерфест останува симбол на слободен дух, културна размена и човечка поврзаност. Благодарност до сите градови, институции, уметници и посетители што го направија ова 15. издание незаборавно“, посочи Темов.

Поврзани вести