Skip to main content

Што треба да направите доколку викендов за Духовден не можете да отидете на гробишта

Православните христијани во сабота ја одбележуваат Задушница, а во недела Педесетница – Слегување на Светиот Дух (Духовден).

Празникот Задушница се одбележува во знак на сеќавање на починатите. На Задушница во црквите се служи парастос на кој свештеникот со вино прелива пченица, а после службата се оди на гробовите на блиските, каде се пали свеќа и се чита молтива. Кој не може да оди на гробишта, тој пали свеќа во црква.

На Задушница се изнесува и храна на гробиштата. Таа храна се дели со луѓето кои ги посетуваат гробиштата, со спомнување за спас на душата на покојникот. Обичај е на гробишта да се носи онолку свеќи колку што гробови се посетуваат.

Доколку на гробот некој му пријде од страна и се понуди да земе храна, иако е туѓинец, на овој ден никако не се одбива. Се верува дека е голем грев ако на Задушница некој на гроб одбие да земе храна или пак избрка туѓинец од гробот.

Духовден, пак, го означува слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, или како што го нарекуваат светите отци „Роденденот на Црквата“. На 10-тиот ден од Христовото вознесение, а на 50-тиот од Неговото воскресение, на еврејскиот празник Педесетница, Светиот Дух слезе врз апостолите во вид на пламени јазици, а тие се исполнија со сила и добија дар да зборуваат на разни јазици.

За црквата овој настан има посебно значење затоа што Светиот Дух од тоа време, па се до денес не ја напушта и непрестано слегува врз црквата на литургијата, во молитвите, во сите дела. Тој е оној Дух по кој христијанскиот живот се нарекува духовен.

Педесетница е еден од најсветлитe празници во христијанството и претставува исполнување на старозаветните пророштва. Во Стариот завет луѓето знаеа само за Бог, со раѓањето на Христос го видоа Единородниот Син, а на Педесетницата го запознаа третото лице на Света Троица – Светиот Дух.

Поврзани вести