Skip to main content

Како за шест години порасна популацијата на елени од 30 на над 200 единки во Националниот парк Галичица

Национален парк Галичица

Националниот парк Галичица информира дека репродуктивниот центар за елени, отворен во 2019 година, бележи значителен успех во обновувањето и заштитата на популацијата, која од околу 30 единки пред неколку години денес брои над 200 елени.

Информацијата доаѓа откако видео од центарот, објавено пред неколку дена, предизвика голем интерес и бројни прашања од јавноста – за грижата, исхраната и безбедноста на животните. Како одговор, од Националниот парк објавија и фотографии кои ја прикажуваат секојдневната работа на терен.

Од паркот посочуваат дека за елените континуирано се грижи посветената ренџерска служба. Ренџерот Лазе, заедно со неговите помошници Јане и Кире, секојдневно обезбедуваат храна и вода, вршат редовни контроли и се грижат за безбедноста и благосостојбата на животните.

Покрај постојаното присуство на ренџерите, репродуктивниот центар е опремен и со видео-надзор камери, што овозможува дополнителна заштита и навремена реакција во случај на потенцијални закани.

Од Националниот парк Галичица потсетуваат дека центарот е основан со јасна цел – активно управување со високопланинските пасишта, заштита и обновување на популацијата на елени и долгорочно зачувување на биолошката разновидност. Според нив, ваквиот пристап придонесува за здрави екосистеми, природна рамнотежа и одржлива иднина за паркот.

Ви благодариме за грижата и интересот – заедно ја чуваме природата“, порачуваат од Националниот парк Галичица.

Поврзани вести