Skip to main content

Битола блесна во предновогодишна светлина како увертира на традиционалната „Зимска приказна“

Градот Битола блесна во нова предновогодишна светлина како увертира на традиционалната „Зимска приказна“ што ја раскажува секој битолчанец и гостин, истакна битолскиот градоначалник Тони Коњановски на денешната прес – конференција.

Според градоначалникот Коњановски, програмата „Зимска приказна“ е наменета за сите возрасни генерации и ќе се одржува на повеќе локации.

-Главната сцена ќе биде на платото пред Офицерски дом во Битола и притоа нудиме над 200 часа програма на различни локации во нашиот град, од нив 35 часа програма за деца. „Зимска приказна“ е најголем фестивал во Македонија неколку години, тоа е декемврискиот ритам на Битола. Програмата почнува да се реализира од утре, а ќе биде заокружена на 31 декември со детска програма, театарски претстави и вечерен концерт со групата „Нокаут“ и други музички ѕвезди, изјави градоначалникот Коњановски.

Програмата „Зимска приказна“ ќе продолжи на првиот ден од Новата година со манифестацијата „Први на први на Пелистер“ која ја организираат битолските планинари.

-Продолжувањео на овој концепт е резултат на добрата соработка со општествено одговорните компании кои и оваа година се наши верни поддржувачи. Поддршката од приватниот сектор, реално се случува. Со оваа заедничка организација и по завршување на програмата „Зимска приказна“, јавно и целосно ќе ја објавиме целата финансиска конструкција на манифестацијата, нагласи Коњановски.

На денешната прес – конференција во Битола, Коњановски повика граѓаните во наредниот период да се возат со празничен автобус, а децата во детскиот воз „Мечо“. 

Поврзани вести