Skip to main content

Зеленски му испрати писмо на Трамп

Printskrin/The Telegraph

Украинскиот претседател Володимир Зеленски му испрати писмо на американскиот претседател Доналд Трамп со нови предлози за соработка во областите на одбранбената индустрија и трговијата, објавено е на веб-страницата на кабинетот на претседателот на Украина.

Зеленски им се заблагодари на САД и на целиот американски народ за нивната непоколеблива поддршка, посебно изразувајќи благодарност до Трамп и неговиот тим за нивните напори да постигнат мир.

За време на денешниот разговор со потпретседателот на САД Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио во Рим, по церемонијата за инаугурација на новоизбраниот папа Лав XIV, Зеленски зборуваше за новите иницијативи наведени во писмото до Трамп.

Во документот се предлага проширување на соработката во одбранбено-индустриската и трговската сфера меѓу Украина и САД, и се укажува на важноста на санкциите кон Русија.

– Притисокот врз Русија мора да продолжи сè додека не биде подготвена да ја запре војната. Украина доследно ги поддржува сите американски мировни иницијативи и останува отворена за конструктивен дијалог со цел постигнување праведен и траен мир, истакна тој.

Зеленски во писмото зборува и за преговорите во Истанбул и „нереалните услови што Русија ги постави за воспоставување траен прекин на огнот“.

– Ниското ниво на руската делегација укажуваше на тоа дека таа нема овластувања да донесува какви било одлуки, додаде тој, напоменувајќи дека Русија го крши примирјето, кое самата го предложи.

Зеленски оцени дека сето ова укажува на тоа дека Москва нема намера да ја заврши војната и оти затоа е потребен притисок за да се присили Русија да прифати целосен, безусловен прекин на огнот.

На состанокот со Рубио и Венс детално беше разгледан ставот на секоја страна и следните чекори кои би можеле да ја променат ситуацијата, вклучувајќи силни санкции против Русија.

Посебно внимание беше посветено на спроведувањето на договорот за економско партнерство меѓу Украина и САД.

Поврзани вести