Skip to main content

Зеленски: Ако Русија не се согласи на примирје, ќе одговориме

Фото: Facebook / Володимир Зеленський

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска на Варшавскиот безбедносен форум изјави дека во моментот кога американскиот претседател Доналд Трамп објави енергетско примирје меѓу Украина и Русија, руските дронови напаѓале, наведувајќи дека од тоа е јасно дека рускиот претседател Владимир Путин не ги чита објавите на мрежата на Трамп, Трут Соушл.

Зеленски наведе дека руските дронови се помоќни од објавите на Трамп и дека тоа влијае врз животите на милиони луѓе.

Украинскиот претседател, исто така, наведе дека Украинците биле изненадени од објавата на Трамп за примирје во енергетскиот сектор поради тоа што во тој момент руските дронови летале на украинското небо, а Киев имал проблеми со пристапот до вода и струја.

Зеленски рече дека Русија, веднаш по таа објава, намерно погодила електрана во Харков, предизвикувајќи штета на украинскиот електроенергетски систем.

Тој повтори дека Украина ќе возврати доколку Русија не се согласи на прекин на огнот во енергетскиот сектор. Нагласи и дека Киев веќе со месеци го поддржува ова решение.

– Немаме резерви на нафта, извозни капацитети, ниту десетици рафинерии. Увезуваме многу нафтени деривати. Благодарен сум им на сите наши соседи, посебно на Полска, што ни помагаат во нашите енергетски потреби – наведе Зеленски.

Тој истакна дека Украина ќе ги исполни условите од прекинот на огнот доколку Русија се согласи.

– Покажавме дека сме сериозни во врска со ова. Синоќа ниту една руска рафинерија не гореше. Наместо тоа, „шахедите“ нападнаа фабрики во Украина, а имаше и руски напади врз обични бензински пумпи … Русија ги прекршува условите од овој прекин на огнот, за кој зборуваше Трамп – рече Зеленски.

Трамп вчера објави енергетско примирје меѓу Русија и Украина и рече дека тоа ќе стапи веднаш во сила, без наведување дополнителни детали.

„Двете страни се согласија во врска со ова. Не го прекршувајте!“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Трут Соушл.

Извор: МИА

Поврзани вести