
Во Унгарија во 19 часот се затворија гласачките места каде можеше да се гласа на паралментарните избори. Претседателот на државата, Тамаш Шуљок, ќе даде изјава за медиумите во зградата на Националната изборна канцеларија. Организаторите најавија дека нема да има прашања.
По 19:00 часот ќе започне броењето на гласовите пристигнати по пошта, а потоа се очекува прес-конференција на раководителот на Националната изборна канцеларија и Изборната комисија, веројатно околу 20:00 часот.
Првите резултати од изборите во Унгарија се очекуваат вечерва од 20:00 часот, кога Националната изборна канцеларија ќе почне да ги објавува на официјалната веб-страница, со ажурирања на секои десет минути. Податоците ќе пристигнуваат по одреден редослед, прво ќе се обработуваат гласовите за поединечните кандидати, потоа за националните партиски листи, а на крај и за листите на националните малцинства.
До 17 часот беше соборен апсолутниот рекорд на излезност, 74,23 проценти од гласачите, или 5.587.935 луѓе, излегоа на гласање. Тоа веќе го надмина претходниот рекорд од 2002 година, кога вкупната излезност беше 73,5 проценти.
За споредба, на изборите во 2022 година, излезноста во 17 часот беше 62,9 проценти.
Унгарските медиуми забележуваат дека во 2002 година, последните податоци во текот на денот биле објавени во 17:30 часот, па затоа нема директно споредливи податоци за 17 часот, но тогашниот рекорд во вториот круг бил 67,87 проценти.

Македонски


