Skip to main content

Волц: Влезот на Украина во НАТО не е повторно на маса

Советникот за национална безбедност на американскиот претседател, Мајк Волц, денеска изјави дека идејата за влез на Украина во НАТО „не е повторно на маса“, и покрај понудата на украинскиот претседател Володимир Зеленски да се повлече, во замена за членството на неговата земја во тој воен сојуз.

Не гледам дека САД сакаат Украина да се приклучи на НАТО, а потоа да ангажира американски војници според член 5 или директно да се вклучи во војната во Украина, изјави Волц за Фокс њуз, пренесе Политико.

Волц нагласи дека „фрустрациите се големи“, бидејќи администрацијата на Трамп се надева дека наскоро ќе постигне договор со Русија за завршување на војната, а на прашањето дали е закажана средба меѓу Путин и Трамп, тој одговори: „во овој момент не“.

Претседателот Трамп очекува дека ќе се постигне договор и мислам дека тоа ќе го видите за многу кратко време, рече Волц.

Во однос на безбедноста на Украина, Волц рече дека САД ги поддржуваат Франција, Велика Британија и другите европски земји, кои се согласуваат да му понудат на Киев „многу силни“ безбедносни гаранции.

Со години баравме од Европа да ја зајакне својата одбрана и со години баравме од Европа да плати за сопствената одбрана, бидејќи американските даночни обврзници го преземаа овој нефер товар со децении, рече советникто за национална безбедност на претседателот Трамп.

Тој го повтори ставот на Трамп дека Америка е подготвена да ја гарантира безбедноста на Украина во замена за украинските ретки минерали, што Киев засега не прифаќа.

Поврзани вести