
Повеќе од 16.000 луѓе се убиени во вооружено насилство од 2022 година на Хаити, карипска земја опустошена од напади на банди, соопштија ОН и предупредија дека без меѓународна поддршка „најлошото можеби допрва доаѓа“.
Високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Турк, на седницата на Советот за човекови права на ОН во Женева изјави дека е „длабоко вознемирувачки“ што, од друга страна, таканаречените групи за самоодбрана и масите Хаиќани убија повеќе од 500 осомничени членови на банди оваа година со наводна поддршка од полицајци.
Хуманитарниот биланс е ужасен: на половина од населението, шест милиони луѓе, вклучувајќи 3,3 милиони деца, имаат потреба од хуманитарна помош, рече Турк.
ОН во јуни предупредија дека Хаити, најсиромашната земја на американскиот континент, е преплавена од убиства, силувања, киднапирања, заедно со хронична политичка нестабилност, а внатрешно се раселени 1,3 милиона лица поради активности на бандите.
Само во првата половина од оваа година, според пресметките на ОН, на Хаити загинале повеќе од 3.000 лица.
Мултинационалната мисија на Хаити, која ја предводи Кенија, а која има поддршка од локалната полиција, е недоволно опремена, недоволно финансирана и е со само илјада од очекуваните 2.500 полицајци, па затоа досега и не покажа задоволителен резултат.
Високиот комесар Турк затоа го поздрави одобрението на Советот за безбедност на ОН дадено во вторникот за зајакнување на мултинационалната мисија.