Skip to main content

„Венецуела за Украина?“: Фиона Хил открива неформални сигнали од Кремљ за геополитичка трампа

Руски претставници уште во 2019 година испраќале сигнали дека Кремљ би можел да ја намали поддршката за венецуелскиот претседател Николас Мадуро доколку Соединетите Американски Држави ѝ остават „слободни раце“ на Русија во Украина, тврди Фиона Хил, поранешна советничка за Русија и Европа во администрацијата на Доналд Трамп.

Според Хил, станувало збор за неформална и необична идеја – дипломатска трампа „Венецуела за Украина“ – која се провлекувала низ разговори и индиректни пораки, без официјална понуда или документ. Таа ваквата логика ја опишува како класичен пристап на „сфери на влијание“, каде што судбината на државите се третира како предмет на договор меѓу големите сили.

Хил, која сведочеше пред американскиот Конгрес во 2019 година, вели дека руската страна често се повикувала на Монроовата доктрина – историскиот принцип со кој САД го сметаат западниот хемисфер за зона од стратешко значење. Москва, според неа, настојувала таа логика да се пресели во Европа: ако Вашингтон очекува другите да се воздржат од мешање во „американскиот двор“, тогаш и Русија бара признавање на сопствена зона на влијание, особено околу Украина.

Во тој период, Хил била испратена во Москва со јасна порака дека Украина и Венецуела не се поврзани прашања во американската политика и дека каква било размена е неприфатлива. Официјалната позиција на САД тогаш била насочена кон поддршка на венецуелската опозиција и меѓународен притисок врз режимот на Мадуро.

Сепак, седум години подоцна, темата повторно добива актуелност. Изјавите на Хил повторно се појавија во јавноста по американската операција на 3 јануари 2026 година, во која, според повеќе меѓународни медиуми, американски специјални сили го заробија Николас Мадуро и го пренесоа во Њујорк, каде што се соочува со обвиненија за трговија со дрога, кои тој ги негира. По операцијата, администрацијата на Трамп најави директно американско влијание врз управувањето со Венецуела за време на транзицискиот период, додека Делси Родригес беше промовирана како привремен лидер.

Фиона Хил предупредува дека ваквиот развој на настаните ја враќа опасната логика на „големите договори“, каде што малите и средни држави се третираат како преговарачка валута. Според неа, американската интервенција во Венецуела и реториката за директно управување ја ослабуваат позицијата на сојузниците на Украина, бидејќи ја релативизираат критиката кон руските претензии за сопствена сфера на влијание.

Во меѓувреме, Русија реагираше со остри осуди, обвинувајќи за „агресија“ и „неоколонијални закани“, а дополнителни тензии се појавија и по заплената на руски танкер во Атлантикот, што Москва го оцени како кршење на меѓународното поморско право.

Според Хил, сето ова ја потврдува матрицата што ја забележала уште во 2019 година – геополитика во која моќта, а не правилата и суверенитетот, станува главната валута. Прашањето што останува отворено е дали венецуелската криза е изолиран случај или почеток на нов период во кој „сферите на влијание“ повторно ќе доминираат во глобалната политика, со Украина и други чувствителни региони како следни точки на преговори.

Поврзани вести