
Откако украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази подготвеност за мировни преговори под водство на американскиот претседател Доналд Трамп, стигна реакцијата на Илон Маск.
„Важно е да се дејствува, а не да се зборува. Ќе видиме какви акции ќе следат“, рече Маск, коментирајќи ја изјавата на Зеленски.
Зеленски претходно изјави: „Би сакал да ја повторам посветеноста на Украина за мир. Никој од нас не сака бескрајна војна. Украина е подготвена да седне на преговарачка маса што е можно поскоро за да се доближи траен мир. Никој не сака мир повеќе од Украинците“.
Украинскиот претседател истакна дека тој и неговиот тим се подготвени да работат под силно водство на претседателот Трамп за да се постигне мир.
Зеленски, исто така, изрази благодарност за американската помош досега и жалење за исходот од средбата во Овалната соба кога дојде до расправија со претседателот на САД.
Американскиот милијардер и близок соработник на американскиот претседател Доналд Трамп, Илон Маск, претходно изјави дека на украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да му се понуди некаква амнестија во замена за мирни демократски промени во Украина.

- Вистина. Колку и да е невкусно, на Зеленски треба да му се понуди некаква амнестија во неутрална земја во замена за мирно враќање на демократијата во Украина, напиша Маск на „Х“, коментирајќи ја објавата на коментаторот Роган О’Хендли (наречен DC_Draino) во која Зеленски го нарече диктатор кој „знае дека кога војната ќе заврши, неговата моќ ќе престане затоа што ќе биде поразен на избори и ќе оди во затвор“.
Сличен став неодамна изрази и Трамп, кој го нарече Зеленски „диктатор без избори“ и посочи дека украинскиот лидер е поддржан од само четири отсто од гласачите. Украинскиот лидер изјави дека е подготвен да поднесе оставка од својата функција доколку тоа донесе мир во Украина или доведе до прием на земјата во НАТО.