![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2024/12/gaza-1.jpg)
Секое принудно раселување или депортирање на луѓе од окупираната територија го прекршува меѓународното право, соопшти денеска Канцеларијата за човекови права на ОН (УНХР) како одговор на предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за раселување на Палестинците од Појасот Газа и нивно преместување во Египет и Јордан.
Од клучно значење е да стигнеме до следната фаза од прекинот на огнот, да ги ослободиме сите заложници и произволно затворените, да ја завршиме војната и да ја обновиме Газа, со целосно почитување на меѓународното хуманитарно право и меѓународните човекови права, се наведува во соопштението на УНХР, пренесено од британските медиуми.
Претходно денеска, на заедничката прес-конференција со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Трамп изјави дека САД ќе го „преземат“ Појасот Газа, а неговата визија за областа ја опиша како „Ривиера на Блискиот Исток“.
Тој го повтори својот предлог за трајно раселување на Палестинците, нагласувајќи дека тие треба да се преселат во други арапски земји, како Јордан и Египет, и дека Газа во моментов е „само урнатини“.