Skip to main content

Унгарија доби едногодишно ослободување од американските санкции за руска нафта

Freepik

Доналд Трамп ја исклучил Унгарија од американските санкции за руските нафта и гас на една година, изјави функционер од Белата куќа. Тој синоќа се сретна со унгарскиот премиер Виктор Орбан, при што најави дека ја разгледува оваа опција.

Го разгледуваме ова зашто на Орбан му е многу тешко да најде нафта и гас од други извори. Тие немаат излез на море и зависни се од нафта и гас од Русија – кажа Трамп на средбата во Белата куќа.

Ова следува откако Трамп воведе санкции за двете најголеми руски државни нафтени компании „Роснефт“ и „Лукоил“ поради одбивањето на Путин да ја заврши војната во Украина.

Орбан рече дека Унгарија успешно го заштитила својот план за намалување на сметките за енергија, како и дека ќе биде целосно ослободена од санкциите поврзани со гасоводите Турски тек и Дружба, објави унгарската агенција МТИ во петокот.
Унгарија ќе продолжи да има најниски цени на енергијата во Европа, рече унгарскиот премиер, додавајќи дека Будимпешта ги подготвила сите потребни услови за ова.
Според него, санкциите што можеа да ги направат испораките или увозот на енергетски производи поскапи за Унгарија нема да се применуваат.
Ова е целосно ослободување од санкциите, без временско ограничување, нагласи Орбан.
Тој додаде дека Унгарија и САД постигнале договор за соработка во областа на нуклеарната енергија, како и за укинување на санкциите што ги воведе администрацијата на поранешниот претседател Џозеф Бајден во врска со нуклеарната централа Пакс 2, објави агенцијата МТИ.

Орбан посочи дека САД немаат забелешки за изградбата на Пакс 2.
Според него, врз основа на постигнатиот договор, американската компанија Вестингхаус ќе стане нов снабдувач на горивни прачки за унгарската енергетска индустрија.
Орбан додаде дека е постигнат договор и за воведување на американска технологија во Унгарија и отворање на вратата за употреба на мали, модуларни SMR реактори.
Според него, Унгарија ќе добие и американска технологија што ќе ѝ овозможи безбедно складирање и отстранување на потрошеното гориво.
Трамп нагласи дека иако Унгарија се соочува со уникатни логистички предизвици, вклучително и пристап до море, тој е многу вознемирен од другите европски земји зашто продолжуваат да купуваат руски стоки. Орбан ги бранеше своите енергетски врски со Русија, велејќи дека цевководите не се ниту идеолошки, ниту политички, туку физичка реалност, зашто Унгарија нема пристаништа.

Тој ја користи големата зависност на Унгарија од руските енергенси како средство за одржување на добрите односи со Москва, како и платформа врз која се надева дека ќе победи на изборите во Унгарија во април, ветувајќи им на гласачите „евтина руска енергија“.

Трамп и Орбан разговараа и за војната во Украина и за можноста за разговори со Путин.

Орбан го разбира Путин и го познава многу добро. Мислам дека Виктор чувствува дека ќе ја завршиме таа војна во не толку далечна иднина – рече Трамп.

Поврзани вести