
Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, ја обвини Украина дека со дронови нападнала „важна дистрибутивна станица“ на рускиот нафтовод „Дружба“ во рускиот регион Брјанск.
Сијарто синоќа на Фејсбук тврдеше дека Украина извршила напад преку ноќ врз клучна точка во нафтоводот што ја снабдува Унгарија со сурова нафта.
-Унгарија во моментов е најголемиот снабдувач на електрична енергија за Украина и без нас, енергетската безбедност на земјата би станала доста нестабилна. Во овој контекст, најновиот напад на Украина врз нафтоводот „Дружба“, кој игра клучна улога во енергетската безбедност на нашата земја, е особено скандалозен“, напиша тој.
Тој ја повика Украина „да не ја загрозува енергетската безбедност на Унгарија и да престане да ги напаѓа енергетските патишта за снабдување со енергија до Унгарија“.
Европската комисија предложи воведување правно обврзувачка забрана за увоз на руски гас и течен природен гас во Европската Унија до крајот на 2027 година. Планот не може да се усвои ако биде блокиран од Будимпешта или Братислава.
Во јули, Сијарто извести за напредокот на проектот за новиот нафтовод помеѓу Унгарија и Србија, најавен претходно оваа пролет, и повторно ја критикуваше Европската Унија за откажување од руските енергетски ресурси.