
Главната разузнавачка управа на Украина соопшти дека бил уништен руски борбен авион за обука Су-27УБ на аеродромот Армавир во руската Краснодарска област.
Како доказ, украинската служба објави видео на кое се гледа моментот на уништување на леталото. Се наведува дека авионот припаѓал на руските Воздушно-вселенски сили. По експлозијата, жителите на околните места пријавиле прекини во комуникациските врски.
Су-27УБ е двоседна варијанта на советскиот повеќенаменски ловец Су-27, првенствено наменет за обука, но целосно борбено способен. Аеродромот Армавир е главна база за обука на кадети од Краснодарската висока воена воздухопловна академија.
Овој напад следува по серија претходни украински операции. Во јуни беа нападнати најмалку пет руски воени бази во Мурманск, Иркутск, Рјазањ и Амур, каде беа стационирани стратешки бомбардери и извидувачки авиони.