Skip to main content

Апелацискиот суд го одби барањето на Јулија Тимошенко случајот да се префрли на друг суд

Апелацискиот совет на Високиот антикорупциски суд (ВАКС) на Украина го одби барањето на лидерката на парламентарната фракција „Татковина“, Јулија Тимошенко, за пренесување на нејзиниот случај во друг суд, соопшти прес-службата на ВАКС.

Судот го разгледа нејзиното барање за промена на месната надлежност и отстапување на случајот на Апелацискиот суд во Киев, што одбраната го образложуваше со наводно постоење на конфликт на интереси и пристрасност во надлежниот антикорупциски суд. Сепак, Апелацискиот совет оцени дека не постојат законски основи за пренос на постапката и дека предметот останува во надлежност на ВАКС. Одлуката, како што е наведено, е конечна и не може дополнително да се оспорува.

Барањето на одбраната беше изнесено за време на подготвителното рочиште, откако судот претходно веќе го прифати предлогот за одложување на рочиштето додека Апелациската комора не одлучи за прашањето на надлежноста.

Против Тимошенко во јануари беше покрената постапка откако Специјализираното антикорупциско обвинителство (САПО) и Националното антикорупциско биро (НАБУ) соопштија дека таа е осомничена за нудење незаконска корист на пратеници. Судот ѝ одреди кауција во износ од 33 милиони гривни (околу 730.000 евра), која во меѓувреме е уплатена, како и низа мерки за претпазливост, додека дел од нејзиниот имот беше привремено ставен под блокада за време на истрагата.(МИА)

Поврзани вести