Skip to main content

Убиецот на поранешниот јапонски премиер ја обжали доживотната затворска казна

Човекот кој го уби поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе поднесе жалба денеска против пресудата на јапонскиот суд минатиот месец со која беше осуден на доживотен затвор, соопштија неговите адвокати, пренесува Азија Некеи.

Адвокатот на 45-годишниот Тецуја Јамагами побара од Окружниот суд во Нара казна со одреден рок, наведувајќи ги тешкотиите во неговото воспитување, но судот ја одобри доживотната казна што ја бараа обвинителите.

„Поднесовме жалба за да добиеме можност да ја исправиме одлуката на понискиот суд по разговорите со обвинетиот“, изјави Масааки Фурукава, главен адвокат на одбраната, во изјава без да образложува.

Жалбата беше поднесена до Високиот суд во Осака во рокот истечен во среда, по одлуката на понискиот суд на 21 јануари.

За време на судењето според систем на судии-поротници, Јамагами призна дека го застрелал 67-годишниот Абе со рачно изработено огнено оружје за време на говорот на тогашниот поранешен премиер во западниот јапонски град Нара на 8 јули 2022 година.

Според одбраната, неговото семејство претрпело финансиска пропаст поради големите донации на неговата мајка за Црквата на обединување во вкупен износ од 100 милиони јени (640.000 американски долари).

Јамагами во судот рече дека верува оти Абе е „во центарот на политичката вклученост на Црквата на обединување“ во Јапонија. Абе, премиерот со најдолг мандат во Јапонија, остана влијателна политичка фигура дури и по оставката во 2020 година.

Јамагами, исто така, објаснил за време на судењето дека го нападнал Абе затоа што поранешниот премиер Нобусуке Киши, дедото на Абе, ја поканил религиозната група во Јапонија од Јужна Кореја.

Неговата одбрана барала затворска казна не поголема од 20 години врз основа на тоа што обвинетиот бил „жртва на злоупотреба поврзана со религијата“, велејќи дека треба да му се даде шанса да придонесе во општеството користејќи го своето искуство од претрпување штета од рацете на религиозна група.

Но, судот, иако призна дека воспитувањето на Јамагами вклучувало значителни тешкотии, рече дека решителноста да изврши убиство била „голем скок“ што самиот го направил и дека Абе „не бил виновен“.

„Злонамерноста и високиот ризик од испукување повеќе куршуми пред голема толпа со намера за убиство се значително посериозни од другите случаи“, рече судот.

Убиството предизвика владина истрага за барањето на црквата за уништувачки финансиски донации од членовите, што доведе до нејзино распуштање и донесување закон против ваквите практики.

Абе, кој имаше 67 години кога беше убиен, беше премиер со најдолг стаж во Јапонија, отслужувајќи два мандата во 2006-2007 и 2012-2020 година.

Поврзани вести