
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека исходот на примирјето меѓу Русија и Украина зависи исклучиво од рускиот претседател Владимир Путин.
„Зависи од него“, одговори Трамп на новинарско прашање дали рокот за Путин да се согласи на примирје е сè уште во сила. „Ќе видиме што има да каже. Сè зависи од него. Многу сум разочаран“, додаде тој.
На прашањето дали Путин мора да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски за да одржи средба со него, американскиот претседател рече: „Не. Би сакал да се сретнам со нив и ќе направам сè што можам за да го спречам убивањето“.
Од своја страна, Путин вчера изјави дека Обединетите Арапски Емирати се „едно од соодветните“ места за можен состанок со Трамп.
„Имаме многу пријатели кои се подготвени да ни помогнат да организираме вакви настани. Еден од нив е претседателот на Обединетите Арапски Емирати“, рече Путин од Кремљ, додавајќи дека оваа локација е „сосема соодветна“.
Во однос на можен трилатерален состанок со учество на Зеленски, рускиот лидер изјави дека нема ништо против, но нагласи дека најпрво треба да се создадат потребните услови за разговори.