Skip to main content

Трамп: Ќе одговориме на царинските мерки на ЕУ за челик и алуминиум

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ќе одговорат на реципрочните царини што денеска ги воведе Европската Унија за американскиот челик и алуминиум.

Имаме огромен трговски дефицит со многу земји, но ќе го изедначиме тоа, изјави Трамп на средбата со ирскиот премиер Мајкл Мартин во Белата куќа, пренесе Скај Њуз.

Трамп ја обвини Ирска дека со нејзината даночна политика привлекува фармацевтски и други компании од САД.

Имаме огромен трговски дефицит со Ирска и други земји, но ќе работиме заедно за да го поправиме тоа, рече Трамп.

Зголемените царини од 25 отсто на увозот на челик и алуминиум во САД стапија во сила денеска.

Контрамерките на ЕУ против САД ќе стапат во сила на 1 април.

Претходно, Трамп се закани дека ќе ја удвои царината за канадскиот челик и алуминиум на 50 отсто, но се повлече откако канадските власти направија отстапки во врска со извозот на електрична енергија од Онтарио во САД.

Канадските претставници Даг Форд и Доминик Лебланк утре ќе отпатуваат за Вашингтон за да разговараат со американската администрација за можни измени на трговскиот договор САД-Мексико-Канада (УСМЦА).

Поврзани вести