Skip to main content
ucrl_Sh6c8c

МИА во дата-центри во САД: Бучава нема на повеќе од сто метри, големите центри користат воздушно ладење или прочистена отпадна вода

МИА

Цветини Чилиманов, специјален известувач на МИА од Вашингтон

Општината Лаудон, во северниот дел на американската сојузна држава Вирџинија, во изминатите години се претвори во еден од главните центри на американската информатичка индустрија со изградбата на десетици дата-центри. Повеќето од овие центри, изградени на стратегиски важна локација во близина на главниот град Вашингтон, се користат за складирање податоци, но некои од нив веќе служат и за развој на ВИ-индустријата – тоа се големите, моќни дата-центри, кои предизвикуваат внимание во јавноста. Во изградба се неколку нови капитални центри лоцирани покрај аеродромот „Далес“. 

Општинските власти во овие богати предградија на Вашингтон, каде што се наоѓаат домовите на армијата службеници на американската федерална влада, се одушевени од огромните инвестиции. Граѓаните во областите Ешбурн, Стерлинг, Рестон и Шантили се честопати поделени во своите мислења кон новата индустрија што се развива во нивниот крај – некои се негативно расположени поради стравот дека дата-центрите ќе се одразат на квалитетот на водата, цената на струјата и бучавата. Друг, пак, велат дека не забележале никакви проблеми, а повеќемина случајни минувачи рекоа дека работат во центрите кои нудат добро платени работни места за компјутерски специјалисти, електричари и техничари за климатизација.

Повеќепати се случи граѓани да одбијат да разговараат на оваа тема затоа што работат во дата-центар и сметаат дека медиумите уште на почеток ќе бидат пристрасни против оваа индустрија. 

Csquare Northern Virginia Data Center

Дата-центарот „Вентиџ“ во Стерлинг, северно од аеродромот „Далес“, има капацитет од 206 мегавати и е еден од поголемите податочни центри во околината на Вашингтон, кој се користи за потребите на ВИ-индустријата. Центарот користи воздушно ладење, што веднаш може да се забележи по карактеристичните „чилери“ на покривот. Од таму велат дека системот практично не троши вода за разладување, туку дека има инсталирано затворен систем низ кој струи мешавина на вода и етилен гликол, кој служи да се спречи замрзнување на цевките. Системот има капацитетот од 50 милиони литри од оваа мешавина на вода и антифриз, односно речиси 20 олимписки базени. За разлика од постарите вакви центри, каде што при разладувањето се користела вода од која голем дел испарува во атмосферата, разладниот систем на овој модерен центар е наполнет еднократно при неговото отворање и оттогаш течноста непрекинато циркулира.

Брмчењето на разладниот систем на дата-центарот „Вентиџ“ може да се слушне на стотина метри од објектот, кој е обезбеден со дебела ограда, но понатаму, едноставно, го снемува. Во округот Лаудон, како и во остатокот на cеверна Вирџинија, има голем број зони за лесна индустрија и канцелариски згради, се распоредени во блокови поврзани со булевари, а меѓу овие зони се наоѓаат комерцијални и станбени блокови со куќи или ниски згради. Најблиските куќи се наоѓаат на два километри од центарот „Вентиџ“. Градските урбанисти внимавале меѓу нив и индустриската зона во која е центарот да биде сместен комерцијален блок со супермаркети и ресторани – станбените блокови дополнително се заштитени од бучавата на булеварите и индустриските зони и со ред зеленило. Поради широчината на булеварите, кои честопати имаат и по четири ленти во една насока, звукот од дата-центарот се губи додека да преминете на спротивната страна од булеварот.

Граѓаните што пазареа во супермаркетот „Вегманс“, на само неколку стотини метри од центарот „Вентиџ“, велат дека не ни знаат која е намената на објектот за кој мислеле дека е некаков магацин и не забележале никаква бучава во своите домови.

Повеќе се слушаат возилата и секако авионите, ни рече една локална жителка додека ги разгледуваше есенските продукти – разновидните тикви и дрвата за огрев – изложени на влезот на супермаркетот.

Покрај бучавата, голема тема на критичарите на дата-центрите е потрошувачката на вода во центрите од постар вид. Општината Лаудон се наоѓа во близина на реката Потомак и користи вода од реката за пиење и за технички потреби. Општината користи и третирана отпадна вода за потребите на некои од дата-центрите, кои сè уште се разладуваат со испарување – центрите што го користат овој систем се обично помали, од 5 до 50 мегавати. Но, сепак, еден од поголемите центри во Ешбурн, „Клауд ејч кју“, со капацитет од 1,2 гигават, односно неколкукратно поголем од „Вентиџ“, е замислен да се лади со испарување. Поради критиките на еколошките организации, центарот сега користи прочистена отпадна вода, а со измени во системот кулите за разладување се активираат само во одредени ситуации. Граѓаните на Ешбурн повремено пријавуваат дека забележале активирање на кулите – во некои случаи дури и дека од него излегува црн чад наместо очекуваната водена пареа.

Поддржувачите на центрите, пак, ги посочуваат огромните поволности за локалната економија и фактот дека сепак се работи за индустриски постројки во кои ништо не се гори, топи или преработува. Во јужните предградија на Ешбурн разговаравме со младиот компјутерски специјалист Саид, кој се доселил во Вирџинија од Узбекистан, и сега води центар за обука на идни работници во дата-центрите. 

Главно работиме со луѓе од cеверна Вирџинија, но секој може да дојде и да стекне стручна квалификација. Имаме потреба од луѓе за технички работни места – обучуваме работници што ги монтираат серверите, вршат сервис, и работници од разни пракси, кои преку нас ги стекнуваат потребните квалификации за безбедност при работа. Бизнисот цвета. Сè повеќе луѓе бараат работа бидејќи гледаат дека оваа индустрија ќе продолжи да се шири, ни рече Саид.

Тој вели дека живее неколку километри од најблискиот дата-центар и не забележал проблеми со квалитетот на водата, а слушнал поплаки од соседите за високата цена на струјата, но и дека тоа може да се припише на глобалната енергетска криза.

Cеверна Вирџинија е една од најбогатите области во САД. Вообичаените жители работат во јавната администрација – честопати на високи позиции – или се пензионирани дипломати, политичари и офицери. Сепак, цените на недвижностите се вивнаа до небо во изминатите години, а со нив и данокот на имот што го наплаќа општината. Еден од најголемите поддржувачи на изградбата на дата-центрите е општинскиот претставник за економски развој, Бади Рајзер. Во неодамнешно интервју за „Фри прес“ тој посочи дека центрите уплаќаат над една милијарда долари годишно во даноци, што е повеќе од третина од општинскиот буџет. Со тие пари општината гради училишта и еден поголем спортски центар, но воедно добар дел од парите им се враќаат на граѓаните преку намалување на данокот на имот. 

Дата-центар Cyrus

Кога дојдов тука, општината беше зависна од данокот на имот на граѓаните за 81 процент од својот буџет. Кога пукна меурот на пазарот на недвижностите, овие пари секнаа и моравме да се снаоѓаме. Се укажа можност да привлечеме дата-центри во општината, кои главно служат за чување податоци – „Лаудон“ е, пред сè, центар за облак-податоци. Почнавме да се промовираме како „дата-центар коридор“, како источна верзија на Силициумската Солина. Ова ни овозможи да ги намалиме даноците на имот за дури 48 проценти. Вакво нешто не се случило никогаш порано. Просечниот жител на Лаудон штеди 3.500 долари годишно во даноци“, вели Рајзер. 

Поддржувачите на развојот на дата-индустријата велат дека, поради огромната побарувачка за информатички капацитети, овие примери може да се реплицираат насекаде во САД и дека примерот на Лаудон покажува како граѓаните може да извлечат корист од огромните финансиски средства што влегуваат во оваа индустрија. Инвестициите во центрите во cеверна Вирџинија се проценуваат на 40 милијарди долари, со речиси 15.000 директни работни места, бројки за кои Рајзер вели дека не може да се игнорираат.

На видеото може да се забележи бучвата во близина на големиот дата центар „Вентиџ“ и како таа драстично се намалува при оддалечувањето

Поврзани вести

giyimbahsegelJojobetSahabetstarzbetcasibomjojobetzbahispusulabetjojobetrichest gamblersFree spins no depositbetsmoon