
На 84-годишна возраст почина Томче Филиповски, еден од најистакнатите фудбалери во историјата на скопски Работнички и поранешен претседател на Фудбалскиот сојуз на Југославија.
Филиповски речиси две децении го носеше дресот на клубот од Дебар Маало. Во текот на 18 сезони одигра 633 натпревари и постигна 225 погодоци, оставајќи длабока трага во клупската историја. Во сезоната 1971/1972 беше и најдобар стрелец во Втората југословенска лига.
Иако во текот на кариерата добивал понуди и од други клубови, меѓу кои и од Вардар, Филиповски не го напуштил Работнички. Во клубот останал до крајот на својата играчка кариера и станал еден од неговите најпрепознатливи симболи.
По повлекувањето од терените продолжи да работи во фудбалот како спортски функционер. Од 1987 до 1991 година ја извршуваше функцијата претседател на Фудбалскиот сојуз на Југославија, во период во кој југословенскиот фудбал бележеше значајни резултати.
По повод неговата смрт, Фудбалската федерација на Македонија изрази сочувство до семејството и оцени дека македонскиот и скопскиот фудбал загубиле голема легенда и човек кој животот му го посветил на овој спорт.

Македонски


