
Американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот лидер Володимир Зеленски имаа „многу продуктивна“ средба денеска во Рим, изјави претставник на Белата куќа, додека двајцата лидери присуствуваа на погребот на папата Франциск.
Портпаролот на канцеларијата на Зеленски рече дека двајцата лидери, на средбата во базиликата „Свети Петар“ која траела околу 15 минути, се договориле да имаат втор состанок подоцна во денот и дека нивните тимови работат на аранжмани за тоа.
Состанокот во Ватикан, кој следува по жестоката средба во Овалната соба во Вашингтон во февруари, е во критичен момент од преговорите чија цел е да се стави крај на војната меѓу Украина и Русија.
Претседателот Трамп и претседателот Зеленски се сретнаа денеска приватно и имаа многу продуктивна дискусија. Ќе следат повеќе детали за средбата – рече Стивен Чеунг, директор за комуникации во Белата куќа.
Шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, во објава на социјалните мрежи рече дека состанокот бил „конструктивен“.