
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е „многу разочаран“ од рускиот претседател Владимир Путин, неколку дена пред посетата на украинскиот лидер Володимир Зеленски на Вашингтон.
„Многу сум разочаран, бидејќи Владимир и јас имавме многу добри односи. Веројатно и сè уште ги имаме. Но, не знам зошто продолжува со оваа војна“, изјави Трамп пред новинарите во Белата куќа, говорејќи на заедничка прес-конференција со аргентинскиот претседател Хавиер Милеј.
Трамп додаде дека Путин „требало да ја добие војната за една недела“, а сега таа влегува во четвртата година. Според него, Русија изгубила околу милион и пол војници – бројка која не се совпаѓа со проценките на западните разузнавачки служби. Тие оценуваат дека вкупниот број на убиени и ранети руски војници е блиску до еден милион, додека според истрагата на порталот Медиазона и рускиот сервис на Би-би-си, до октомври 2025 година се потврдени повеќе од 135.000 загинати.
Според Фајненшл тајмс, односите меѓу Трамп и Зеленски се подобриле во текот на летото, откако американскиот лидер се разочарал од Путин и неговото одбивање да ја прекине војната. Неименувани извори тврдат дека Трамп размислува за условна поддршка:
„Ако Путин не прифати мир, ќе им испратам Томахавци“, наводно изјавил американскиот претседател.
Путин, од своја страна, предупреди дека испораката на такво оружје би била „сериозна ескалација“ во односите меѓу Москва и Вашингтон.