Skip to main content

ТикТок објави дека од утре ќе прекине со работа во САД

 ТикТок објави дека речиси сигурно ќе престане со работа во САД почнувајќи од утре по одлуката на американскиот Врховен суд во врска со законот што го донесе Конгресот во врска со функционирањето на оваа популарна апликација.

ТикТок, за жал, ќе биде принуден да ја прекине работата во САД на 19-ти јануари, освен ако администрацијата на Џо Бајден не се погрижи да не се спроведе законот со кој се забранува платформата во САД ако неговиот кинески сопственик не се согласи да ја продаде, се вели во соопштението на ТикТок објавено на социјалната мрежа „Икс“.

„ТикТок“ со месеци се бори против овој закон, кој Конгресот го донесе во март во име на заштита националната безбедност, но Врховниот суд на САД вчера одби да го запре, со што ја предодреди судбината на социјалната мрежа во земјата доколку владата реши да не интервенира во последен момент.

Нема сомнеж дека за повеќе од 170 милиони Американци, ТикТок нуди важно средство за изразување, интеракција и заедница, оценија едногласно деветте судии од Врховниот суд. Сепак, посочија дека Конгресот утврдил оти неговото продавање е неопходно за да се надминат основаните грижи за националната безбедност.

Одлуката на највисокиот американски суд дојде нешто повеќе од 36 часа пред крајниот рок што и го одреди Конгресот на кинеската матична компанија на ТикТок, ByteDance, да ја продаде својата подружница во САД.

Со законот се бара од давателите на интернет услуги и продавниците за апликации да ги блокираат преземањата и ажурирањата на ТикТок почнувајќи од вечер на полноќ.

Белата куќа смета дека „спроведувањето на законот (треба) да и се довери на следната администрација, која ќе стапи на должност во понеделник“, изјави портпаролката Карин Жан-Пјер.

Американското Министерство за правда, од своја страна, соопшти дека за спроведување на законот ќе биде потребно време, што го поставува прашањето за неговиот ефект на краток рок.

Изјавите дадени од Белата куќа и Министерството за правда не ја дадоа потребната јасност и доверба на давателите на услуги кои се составен дел за ТикТок да остане достапен за повеќе од 170 милиони Американци, соопштија од популарната апликација, пред да го објават предупредувањето дека поради ова, ТикТок речиси сигурно ќе биде принуден да ја прекине работата во САД почнувајќи од утре.

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп повеќепати изјави дека го поддржува задржувањето на ТикТок во САД, па дури и се жалеше до Врховниот суд со барање за тоа, но безуспешно.

Поврзани вести