
Интернет и телефонски услуги беа прекинати низ целата земја утрово откако владејачките Талибанци објавија дека ќе го исклучат интернетот како дел од борбата против „неморалните активности“.
Овој потег предизвика страв и паника кај милиони Авганистанци и нивните семејства во странство, продлабочувајќи ја изолацијата на земјата под сè построгата талибанска власт, објави Си-Ен-Ен.
Групата за следење на интернет Netblocks потврди доцна во понеделникот дека бројни мрежи во Авганистан се затворени, што резултираше со „целосен прекин на интернет“ за нацијата од 43 милиони луѓе.
Авганистанците што живеат во странство изјавија дека не можеле да контактираат со своите семејства, а податоците за летовите покажаа дека неколку летови до Кабул биле откажани во вторник наутро.
Телевизијата Толо Њуз во Кабул објави дека прекинот сериозно влијаел врз нејзината работа, додека меѓународните новински агенции Асошиејтед Прес и Агенција Франс Прес изјавија дека не можеле да контактираат со своите канцеларии во главниот град.
Ова се чини дека е најраспространетиот и најкоординиран прекин на телекомуникациите во Авганистан откако Талибанците се вратија на власт во 2021 година.
Тоа предизвика стравувања од враќање на строгите правила од нивното претходно владеење, кога телевизијата, сателитите и другите масовни медиуми беа забранети како дел од војната против неморалот.