Skip to main content

Стоп за „ЧетГПТ“: Во Данска домашните задачи ќе се пишуваат на час

Со почетокот на новата учебна година, во Данска стапуваат на сила значително построги правила за користење на вештачката интелигенција во образованието. Учениците отсега ќе ги пишуваат своите задачи за време на часовите, а училиштата ќе воведат ригорозна контрола врз користењето на компјутерите и пристапот до АИ-алатките.

Данска со години важи за еден од пионерите во дигитализацијата на образованието. Таблетите и лаптопите се стандарден дел од наставата, а голем дел од испитите се спроведуваат во дигитална форма. Во одделни училишта, печатените книги речиси целосно се исфрлени. Сепак, сè поголемиот број ученици кои ја злоупотребуваат вештачката интелигенција за мамење ја принуди владата да донесе сеопфатна национална стратегија.

За жал, дел од учениците ја злоупотребуваат вештачката интелигенција за да мамaт. Поради тоа започнавме со итни мерки и се консултираме со училиштата за следните чекори“, изјави министерот Магнус Хеунике за данското радио, пренесува „Тагешау“.

Истражувањето на Данскиот институт за евалуација покажа дека околу две третини од средношколците на возраст од 16 до 19 години користеле вештачка интелигенција спротивно на училишните правила.

Според новите регулативи, средните училишта за време на писмените испити ќе мора да користат специјален софтвер за надзор на компјутерите и да го блокираат пристапот до АИ-сервисите. Дополнително, ќе се поставуваат заштитни мрежни филтри (firewall) за ограничување на интернет-содржините преку училишната мрежа.

Пишувањето на задачите што претходно се задаваа за дома сега ќе се одвива во училница, под директен надзор на наставниците. Целта е да се обезбеди подобар увид во процесот на работа и порално да се даваат повратни информации, со цел реално оценување на знаењето.

Промените го опфаќаат и обемниот самостоен завршен писмен труд (познат како større skriftlig opgave – SSO), кој секоја година го полагаат околу 9.000 ученици, а кој отсега ќе се полага исклучиво писмено.

Сепак, целта на мерките не е целосно прогонување на технологијата. Наставничката Сесили Линегард од Копенхаген истакнува дека со соодветен надзор, вештачката интелигенција може да продолжи да се користи во наставата, но без да им се овозможи на учениците да го заобиколуваат процесот на учење.

Поврзани вести