
Јавното одобрување во Германија за владејачката коалиција на конзервативците (Христијанско-демократски сојуз/Христијанско-социјален сојуз – ЦДУ/ЦСУ) и Германската социјалдемократска партија (СДП) благо се зголемило, покажува ново социолошко истражување на институтот ИНСА, спроведено за неделното издание на весникот „Билд“. Анкетата е направена во четвртокот и петокот.
Околу 28 отсто од анкетираните изјавиле дека се задоволни од постапките на Владата. Овој показател е за 5 процентни поени повисок отколку пред три недели, забележува ДПА.
Одобрувањето лично за германскиот канцелар Фридрих Мерц се зголемило на 27%, што е за 4 поени повеќе.
И покрај ова, мнозинството останува критично – 63 отсто од учесниците во анкетата изразуваат незадоволство од Владата, а 62 отсто од самиот канцелар.
Доколку парламентарните избори во Германија би се одржале денеска, владејачката коалиција би освоила само 38 отсто од гласовите, што не би било доволно за парламентарно мнозинство, покажуваат податоците од истражувањето.
Популарноста на конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ, предводен од Мерц, останува на 24 отсто одобрување кај германските гласачи во репрезентативниот примерок на ИНСА, додека крајнодесничарската партија „Алтернатива за Германија“ (АфД) води со 26 отсто. СДП ја има поддршката на 14 проценти од потенцијалните германски гласачи.
Рејтингот на Зелените благо се зголемил на 12 отсто, додека популарноста на „Левите“ е намалена на 11 отсто.
Германската партија „Алијанса на Сара Вагенкнехт“ и деловно ориентираната „Слободна демократска партија“ имаат по 4%, што е 1 поен под процентот потребен за освојување пратенички мандати во Бундестагот.