Skip to main content

Со 5 милиони долари од САД ќе се унапредуваат државните сајбер капацитети

Freepik

Министерството за дигитална трансформација соопшти дека Стратешкиот дијалог меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави, одржан во Вашингтон, завршил со усвојување заедничка изјава и конкретни договори во областа на сајбер-безбедноста и дигиталната инфраструктура.

Од Министерството информираат дека САД ја најавиле намерата да обезбедат техничка поддршка за зајакнување на дигиталната инфраструктура на институциите во земјава преку програмата FALCON (Foreign Assistance Leveraged for Cybersecurity Operational Needs). Во рамки на оваа поддршка ќе се спроведат сеопфатни проценки на сајбер-безбедноста на критичната инфраструктура и други важни мрежи, со цел идентификување на ранливости, предлагање конкретни мерки за нивно отстранување и поддршка при донесување одлуки за набавка на современи и доверливи сајбер-безбедносни решенија.

Предвидено е и ангажирање сајбер-советници кои ќе соработуваат со Министерството за дигитална трансформација и Министерството за одбрана, со цел зајакнување на националните капацитети за сајбер-одбрана, подобрување на оперативната подготвеност и зголемување на отпорноста на институциите.

Дополнително, САД најавиле и финансиска поддршка од 5 милиони долари преку програмата за странска помош, наменета за развој на сајбер-капацитети и унапредување на заштитата на одбранбената инфраструктура, преку обезбедување опрема и обуки.

Поврзани вести