
Скандал со неисправни гранати ја тресе Украина.
Безбедносната служба на Украина (ССУ) информира дека уапсила функционери од одбраната обвинети за вмешаност во испораката на десетици илјади неисправни гранати. Меѓу уапсените е директор на фабрика во регионот Дњепропетровск, негов заменик, поранешен раководител на директорат во Министерството за одбрана и воен инспектор.
„Обвинетите користеле материјали со слаб квалитет и извршувале работа со слаб квалитет при производство на гранати, поради што тие биле неисправни“, се вели во соопштението на ССУ.
Како што објави безбедносната служба, целта била измама со намалување на трошоците за производство за поголем профит од јавните набавки. Приведените во случајот се обвинети за „попречување на активностите на вооружените сили“ и се соочуваат со 15 години затвор. Лани имаше поплаки од војниците дека гранатите не функционираат. Русија и Украина се во војна 3 години и два месеци.