
Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, денеска изјави дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, доживеала два значајни дипломатски порази во една недела, оценувајќи дека Европската унија станала „мета на понижување и исмевање во светската политика“.
Според унгарската агенција МТИ, Сијарто укажал на неодамнешната одлука на САД да ги зголеми царините на европска стока — од 2,5 на 15 отсто — како и на, како што рече, непријатно понижувачкиот прием што го имала Фон дер Лајен за време на посетата на Кина, каде што била „дочекана како турист, а не како официјален претставник на ЕУ“.
Тој ги критикуваше западноевропските лидери кои претходно остро зборуваа за американскиот претседател Доналд Трамп и кинеските функционери, тврдејќи дека сега ја плаќаат цената на тие изјави.
– Коментарите за Трамп сега ѝ се удираат од глава на Европската унија. Царините растат, а ЕУ е понижена, наведе Сијарто, осудувајќи ги и лидерите кои, според него, ги поткопуваат мировните напори на САД.
Сијарто истакна дека, доколку не биле попречувањата од страна на Украина и западноевропските политичари, „решението за војната во Украина би било многу поблиску“. Тој ги поздрави директните разговори меѓу американскиот и рускиот претседател, велејќи дека „светот стана побезбедно место откако почна дијалогот“.
Тој заклучи дека Унгарија ќе остане безбедна и стабилна сè додека е на власт „национална влада“, додека предупреди дека доаѓањето на власти блиски до Брисел би можело да ја загрози таа стабилност.